Божиновска бара извинување од СДСМ за обвинувањата за „Руднап“, најави и тужба

Божиновска

Божиновска бара извинување од СДСМ за обвинувањата за „Руднап“, најави и тужба

Министерката за енергетика Сања Божиновска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за нејзина поврзаност со „Руднап“ и со набавката на броила за ЕВН и побара партијата во рок од 24 часа јавно да ги повлече тврдењата и да ѝ се извини. Во спротивно, најави дека ќе преземе правни чекори.

Реакцијата следува по серијата обвинувања на СДСМ, меѓу кои и тврдењето дека Божиновска претставува врска меѓу „Rudnap Group“ и актуелната власт и дека треба да одговори за договорот за набавка на броила од српската компанија „METER&CONTROL“, вреден 13,2 милиони евра.

Божиновска категорично ги отфрла ваквите наводи.

„Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со ‘Руднап’. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби“, наведува министерката.

Таа ги оцени обвинувањата на СДСМ како обид за политичка дискредитација и тврди дека партијата не понудила докази за нејзина вмешаност во конкретната зделка.

Божиновска бара СДСМ во рок од 24 часа да ги повлече, како што вели, невистинитите тврдења и јавно да ѝ се извини.

Доколку тоа не се случи, министерката најавува користење на правни механизми за заштита на нејзината чест, углед и професионален интегритет, вклучително и судска постапка и пријави до надлежните институции.

СДСМ во изминатите денови тврдеше дека компанијата „METER&CONTROL“ од Србија е избрана за носител на договор на ЕВН Македонија за набавка на броила вреден 13,2 милиони евра и ја поврзуваше компанијата со „Rudnap Group“. Партијата ја посочи и претходната професионална ангажираност на Божиновска во компании на групацијата како основа за своите прашања до министерката.

Во вчерашната реакција, СДСМ повторно побара Божиновска да одговори за нејзините поранешни деловни врски со „Руднап“ и за набавката на броила.

Со денешната реакција Божиновска за првпат директно одговори на тие обвинувања – ја потврдува својата поранешна професионална поврзаност со „Руднап“ индиректно преку наведувањето дека таа завршила пред повеќе од 12 години, но категорично негира каква било сегашна деловна или приватна врска со групацијата и каква било вмешаност во набавката на ЕВН.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?