Паметното финансирање во образованието е инвестиција за иднината

За квалитетно образование и подобра иднина треба и мора да се инвестира, наместо да се кратат средства.

Љуан ИМЕРИ

На една од колумните поврзано со образованието нагласив дека мора да се инвестира многу повеќе во образованието. Да се инвестира повеќе, поправедно и поефикасно. За да илустрирам колку е акутна потребата за сериозни интервенции во образованието ќе користам некои од податоците од документ којшто е скоро објавен од Светка банка за состојбите кај нас а насловен е: „Финансирање на нашата иднина: како да ја подобриме ефикасноста на расходите за образование во Северна Македонија“.

Анализата е одлична, а резултатите се поразителни. Овој документ ги разгледува клучните ограничувања и потребните одговори во доменот на финансирањето на образованието во Северна Македонија а е базиран на податоците содржани во „Преглед на јавните расходи за образование во Северна Македонија“, подготвен од страна на Светска банка. Би било добро некој од МОН да го прочита документот.

Што знаевме, а Светска Банка ни го потврди?

  • Расходите за образование се неефикасни и се намалуваат. Тие во периодот помеѓу 2010 и 2020 година се намалиле од 5,1 проценти на 4,0 проценти од БДП.
  • Бројот на наставници се зголемува и покрај демографскиот пад. Просечно,на секои 14 загубени ученици, се вработува по еден нов наставник. Постојната мрежа на училишта е скапа за одржување и не ги следи општите демографски трендови и трендовите на запишување на ученици. И покрај значителниот пад на бројот на ученици во последната деценија, континуирано расте бројот на вработени наставници во рамки на основното и на средното образование.
  • На тестирањето ПИСА 2018, јазот во учењето помеѓу групите ученици со највисок и со најнизок социо-економски статус е еквивалентен на скоро 2 години школување. Постојат и големи разлики во резултатите од учењето помеѓу ученици со различно потекло.
  • Неефикасниот и нерамноправен образовен систем испорачува резултати со понизок квалитет.  Според ПИСА 2018 тестирањето, повеќе од половина од 15 годишниците се функционално неписмени во домените на природните науки, математиката и читањето. Од сите тестирани ученици во Северна Македонија, помалку од 1 процент имале високи достигнувања.

Што не знаевме, а дознавме?

  • Дете кое живее во еден дел од земјата може да оди на училиште кое има 5 пати повеќе средства од училиште во друг дел од земјата. На пример, во основното образование, расходите по ученик се движат од 32.000 денари до 182.000 денари, разлика од 5,6 пати помеѓу општините што трошат најмалку и најмногу.
  • Приближно 50,000 деца (од предучилишна до средношколска возраст) не се во училиште. Над 14000 деца на предучилишна возраст не посетуваат настава. Исто толкав број, 14000 деца не посетуваат основно образование, додека над 22000 деца на средношколска возраст не се во училиште. Овие бројки за деца надвор од училиште се далеку повисоки од сите споредбени земји во регионот.
  • Просечните расходи за професионален развој по наставник се само 3.5 евра. Професионалниот развој на наставниците е недоволно финансиран и не се смета за приоритет. Во периодот помеѓу 2015 и 2021 година, просечните расходи за професионален развој по наставник изнесувале само 3,5 евра а средствата за професионален развој на наставниците се први на листата на кратење со ребалансите на буџетот што се усвојуваат секоја година.

За зголемување на квалитетот на образование е потребен холистички пристап на сите чинители во општеството. Иако инвестициите во образованието треба да се сметаат за инвестиции во иднината на државата, сепак сѐ уште кај нас расходите за образование сметаат за трошење на ресурси а не како на стратешка инвестиција во иднината на земјата. За квалитетно образование и подобра иднина треба и мора да се инвестира, наместо да се кратат средства. Особено е важно да се инвестира повеќе и на плански начин. Подигањето на нивото на финансирањето без најпрво да се намали неефикасноста на расходите може да не доведе до посакуваните исходи. Треба да даде приоритет на реформите за зајакнување на ефикасноста на расходите во системот преку осигурување дека секој потрошен денар донесува најголем можен поврат е основниот прв чекор за земјата. Мора да се подобрат политиките што водат кон подобра ефикасност, еднаквост, политики што водат кон подобар квалитет и кон подобра отпорност.

Треба да знаете
Moже да ве интересира