Парадоксот на индиректниот вид

Според парадоксот на индиректниот вид, колку што повеќе еден политичар се труди да се прикаже како месија, толку повеќе не е.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во осумдесеттите, улиците и, воопшто, градот, беа помалку светли отколку подоцна. Затоа на ноќното небо се гледаа и слаби точки од ѕвезди. Во тие малечки години, открив дека токму слабиот сјај повеќе може да се види доколку не се гледа директно, туку малку настрана. Називот на ефектот го дознав многу подоцна, со појавата на интернетот (ништо спектакуларно – “averted vision”, индиректен вид). Го побарав името на овој ефект, бидејќи низ годините, одвреме-навреме ќе се појавеше да ми соли памет и за други работи: „Слабо ќе гледаш ако директно го вперуваш погледот“. И постојано борби со него: „Добро, како воопшто да дознаам било што без да го вперам погледот директно?!“ Понекогаш ми даваше навистина неприфатлива утеха: „Ако не гледаш сега, ќе видиш кога нема да си толку запната да видиш“. Тешко е човек да застане кога мисли дека е на пат да види нешто, но, за чудо, нему, на солачот на памет, му успева магично и до ден-денес да ме изненади. И до најтривијалното ниво, на пример, кога барам некое зафрлено предметче: Дури кога ќе се откажам, ама вистински да се откажам, тоа ќе се појави. Целата активна работа се состои во тоа – чесно да се откажам. А тоа е толку многу тешко, и за барање на играчки, и за барање на некое знаење или согледување.

Дали се случува акт на самоизмама или е тоа активна вежба на волјата, некого може воопшто да не го интересира само да се спаси од нервозата – едноставно ќе бара или нема да бара и – крај! Да не отфрлиме случаи – некого, пак, ова прашање (кога не се работи за играчка, се разбира) ќе го натера да му се обрати на својот бог или на своето суеверие (тема на искушенија, помош од бог, избегнување на ѓаволи, шејтани и слично), а други само ќе влезат во верижно дејство како во приказната со дедото и репката, додека да го „искорнат“ од некаде знаењето, ќе бараат до пиксел – додека да најдат и ќе очајуваат ако не најдат, но идејата за „откажување“ им е туѓа, страшна, предавничка,  дури и не ја земаат предвид. Обратно, луѓе кои тешко се загреваат за дејствување, можеби имаат поинаков „пророк“ во главата, на пример „кој рано рани…“, итн. – не велам дека за оние кои земаат предвид вакви прашања, „откажувањето“ е единствена вежба или самоизмама, кој како сфаќа. Работата е во парадоксот на индиректниот вид.

Се работи за многу фино штимање на нешто во нас што не е ни разумниот ум, ниту емоциите, а негова најблиска асоцијација е физичката, оптичка појава на индиректен вид. Не зборувам за ситуацијата на негледање на други разумни опции и врзување само за едно решение како пијан за плот, ниту за чекање од бога алва. Всушност случајните пронајдоци може да се производ на оваа појава – прво интензивно разумно мислење, а потоа, кога ќе се остави настрана главниот проблем или кога ќе си поиграме на темата, доаѓа до прекрасното откритие. Така се откриени Х-зраците (Рентген), атомското јадро (Радерфорд), итн., но и решенијата од домашните задачи.

Напорот да се остави настрана тоа што страствено се бара е потоа награден со други начини на восприемање на работите, инакво искусување на светот, надвор од претходните патишта на размислување. Всушност, за да се најде согледувањето, сме морале да се оттргнеме од патиштата на потрагата на „пленот“, за да ни бидат отворени нови патишта. Ми се чини дека ова е парадоксот кој секој од нас мора да го искуси за да се сфаќаме едни со други – тоа е допирната точка меѓу религиите меѓу себе и воедно на религиите со идеологиите, а тие, пак, со секојдневното искуство и решавањето проблеми. Концептот е прилично централен во христијанската и будистичката религија, а присутен е и во исламот.

Но, проблемот со примената и прифаќањето лежи во формулацијата и толкувањето на толкувачите – свешетените лица вообичаено, па и на самите религиозни институции. На пример, во христијанската терминологија наоѓаме изрази од вид „да се погубиш себеси и да ја послушаш божјата волја“, а потоа и така се проповеда – што е многу површно искажување на внатрешниот индиректен вид. Резултатот е познат, всушност векови поминале во тешко разбирање на ова, векови во послушност кон самите религиозни институции, само гола послушност кон малку луѓе со чин. Религиозните институции си го поткреваат своето значење кон еднаквост со соодветниот бог,  а свештениците си го поткреваат значењето кон пророци или месии. Тоа не донело ништо друго освен грдата страна на значењето на зборот „политика“. Пренесено од религиските институции и свештеници – на теренот на идеологиите, во партиите и партиските политичари, сѐ уште главниот елемент на политиката е – како да се конструираат механизми за послушност од малку кон многу луѓе.

Пренесено од религиските институции и свештеници – на теренот на идеологиите, во партиите и партиските политичари, сѐ уште главниот елемент на политиката е – како да се конструираат механизми за послушност од малку кон многу луѓе.

Секако дека послушноста не би требало со предрасуда да ја сметаме веднаш за нешто слепо и со тоа апсолутно лошо, бидејќи кога малкумина навистина знаат и го пренесуваат тоа свое знаење кон многумина, како во образовниот процес на пример, всушност таквата послушност станува послична на индиректниот вид, лесно преоѓајќи во спремност за отварање на патишта. Проблемот настанува при барање на послушност, кога оној кој бара послушност ги таи штетите за послушувачот или, пак, едноставно, не е достоен во знаењето, не ги ни разбира можните штети. Како што премногу свештеници не се достојни за пророци или месии, така и политичарите ретко се вистински „пророци“ или „месии“ на својата идеологија. Едноставно, за нив, ние би биле задоволни да бидат и налик на добри ученици, просветлено да ги решаваат домашните задачи – не мора да бидат оригинални како Рентген, Ферми или Радерфорд.

Според парадоксот на индиректниот вид, колку што повеќе еден политичар се труди да се прикаже како месија, толку повеќе не е. Врзувањето на имиџот со религиозни институции сеуште трае, тоа го гледаме и кај нас. Но, премногу луѓе бараат да бидат водени за раче, прифаќаат дека заслужуваат незнаење и бараат „татко“ кој ќе им каже како треба да биде. Тој само треба да си замисли „обврска“ да згази на своето секуларно знаење (од најсекуларната наука – физика, механика!) и да стапне на црковен подиум за да изгледа како месија. Да се сервира себеси како богот во она ретче „да се погубиш себеси и да ја послушаш божјата волја“, додека другите ќе се откажат од било каква друга потрага (по вистина, согледување, знаење, искуство…, во пракса, тие и се „бог“ – не некој непознат дедичко со бела брада). Но, со тоа, не направиле индиректен вид, туку само го заглавиле својот апарат за гледање.

Наместо индиректен вид за појасно гледање на сјајот на далечната ѕвезда, добиваат гледање сосем некаде настрана, безврска, директно во трупец, директно во влез на пештера, или во подрастични случаи – дирекно во умоболница. Потоа е лесно да направиш обвинувања од огледало – другите ќе ги направиш неразумни послушници на ѓаволот, потребна ти е само уверливост, а за неа, само ќе внесеш зборови со емотивен набој, „виткање кичма“, „закана за иднината“, „тотална анархија на институциите“, „поседувања“ на луѓе, итн., што единствено покажува претерана простост на мислата, нескромност, нерефлексивност, неангажирање во критичко и самокритичко мислење, неоставање простор за корекција, неотвореност кон патишта и можности, неотвореност за водство од оние кои се обидуваш да ги водиш и со тоа, игнорирање на етички обзири.

Токму послушувањето на лажните политички пророци од врвот на ВМРО-ДПМНЕ е неоснована послушност, бидејќи се послушува нешто со сите индикации на „пијаниот за плот”. Секако дека мораат да позајмат од црковната „маја“ – самите немаат, бидејќи во суштина немаат идеологија. Навистина, која е идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ? Конзервативизам? (првата наброена на Википедија). Па тие не се стремат кон зачувување на традиционалните вредности, тие се стремат кон максимално искористување на традиционалните вредности за да им се отвори „нá ти – дај ми“ неформалната политичка мрежа. Демохристијанство (Christian democracy)? Називот „демократија” за овој ентитет е најлажната, највештачката боја со која се шминка, а христијанството им служи во недостаток на идеологија – за преземање на „стадото“ од црквата. Македонски национализам? Па тоа идеологија ли е? Национализам веќе подразбира губиток на етика, самиот претставува масивна несамокритичност, нерефлексивност и со тоа, парадоксално, токму незнаење кој си! Антикомунизам? Каде се комунистите? Десничарски популизам? Тоа не е идеологија, тоа е рамноземјаштво. Ах, економски либерализам? Досега не излегол на виделина, напротив.

Десничарскиот популизам во својата срж се состои во побивање на вредностите на демократијата и либерализмот. Нема демократија без добро издиференцирани разум и свест за самиот себе лично, бидејќи без нив не може човек да се стави во кондурите на другиот, а пак, без тоа, не може да ја разбере солидарноста (која не е фашо збивање редови!). Без неа, натаму, не може да ја сфати слободата.

Така, со лажни пророци, од век и веков, луѓето си остануваат со прстот в уста до самата смрт – со неодговорено прашање за сопствениот идентитет, за значењето на сопствениот живот. Површно свесни за сопствената смртност, директно ја споменуваат и ѝ гледаат в очи, па така, влегувааат во вртлогот на распадот. Единствено што им останува како лажна утеха е да го обожуваат распадот, да ја величаат ентропијата. Во цел свет, симптомите на ентропија ги покажуваат десничарските популисти и тоа е нивниот бог. Ако од позиција на индиректен вид се проучат идеите од време на Просветителството, од Стара Грција па и на фигурите како Исус, Мухамед, Буда итн., ќе се види дека десничарскиот популизам е регресивно враќање назад кон неразумни суштества, како да треба да бидеме само „природни“ животни и растенија – таа природа е богот од десничарскиот популизам (замислена како стар дедо со една нога в гроб, а притоа и – не баба). Десничарскиот популизам во својата срж се состои во побивање на вредностите на демократијата и либерализмот. Нема демократија без добро издиференцирани разум и свест за самиот себе лично, бидејќи без нив не може човек да се стави во кондурите на другиот, а пак, без тоа, не може да ја разбере солидарноста (која не е фашо збивање редови!). Без неа, натаму, не може да ја сфати слободата.

Колку и да расте десничарскиот популизам, верувам дека тоа е само привремена осцилација, од две причини. Прво, никој не може да ја игнорира Втората светска војна и нејзиното значење за идеологиите и нивното преведување во пракса, а второ, што сѐ помалку дискриминациите се случуваат на физичка основа (боја на кожа, попреченост, пол, возраст, здравствена состојба…), па популистите мора да компензираат кон „меките“ дискриминации (национална припадност, религија, разни видови на уверувања, итн.). Тоа дава надеж дека и тие ќе „изосцилираат” до губење и дека многу повеќе луѓе, конечно ќе сфатат дека се луѓе со разум, со интелект и можности за трансцендирање, наместо излажани да се збиваат како овчички со пастири што не знаат ништо од она што навистина го бара животот од нас.

Треба да знаете
Moже да ве интересира