Среќата е она што животот ќе ти го донесе во пресрет. А радоста… Радоста е она што самиот ќе одлучиш да го видиш како богатство.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Ми стаса една фотографија на Вибер од пријател на која тој се сликал со други негови пријатели во Хрватска. Ги гледам насмевките и гледам радост и среќа која се граничи со совршен миг. Си помислив какво богатство.
Така и тргнав да се потсетам на зборовиве кои ги користиме секојдневно, а за кои ретко застануваме да помислиме за нивното значење.
Во македонскиот јазик, на пример, постојат два збора кои често ги употребуваме како синоними, а всушност во себе носат две сосема различни идеи за човечкиот живот. Мислам на зборовите кои ги спомнав или среќа и радост.
Среќата ја бараме најчесто во тоа дали имаме стан, два автомобила, двапати на одмор и слични материјални добра. Како опседнати, се тркаме со годините за овој материјален сон или среќа.
Зборот среќа, според старословенските корени, доаѓа од поимот срета или срешта, односно средба. Или, нешто што доаѓа во пресрет. Поволен миг. Судбинска околност. Во својата првобитна смисла, среќата не била богатство. Не била имот. Не била материјална сигурност. Таа била моментот кога светот ти испратил нешто добро во пресрет.
Една насмевка или неочекувана средба. Пријател кој случајно ќе го сретнеш на улица по многу години. Имејл (писмо) што ќе стигне во вистинскиот момент. Добра вест кога најмалку ја очекуваш. Насмевки на фотографија испратени на вибер.
Сето тоа е среќа.
Од друга страна, постои зборот радост.
Радоста е поинаква. Таа не зависи од околностите. Радоста не мора да ти дојде однадвор. Таа извира одвнатре. На пример, книга што ќе ја отвориш навечер и одеднаш ќе почувствуваш дека некој автор, некаде низ времето, ги разбрал твоите најдлабоки мисли.
Или пак разговор кој ќе те збогати. Песна што ќе те врати во некое друго време. Можеби и поглед кон Говедарник, Стогово, Крчин или кога се отвара домата ти после Сама Бука!
Значи, веројатно, радоста е внатрешна способност човекот да го препознае богатството во нешта кои не можат да се купат.
Затоа што оној човек кој може да се израдува на добра книга никогаш нема да биде сиромашен. Оној што може да помине три часа во разговор со стар пријател и да почувствува дека денот му бил вреден, никогаш нема да биде сиромашен.
Среќата е она што животот ќе ти го донесе во пресрет.
А радоста…
Радоста е она што самиот ќе одлучиш да го видиш како богатство.
