Додека Европа детално објаснува како кандидатите можат да се интегрираат, сè уште избегнува да одговори на најважното прашање: кога интеграцијата станува членство? Ако Европа е подготвена за проширување денес, што точно ја спречуваше да биде подготвена вчера?
Андреја СТОЈКОВСКИ
Постојат моменти кога еден документ кажува многу повеќе за состојбата на Европската Унија отколку за темата на која формално е посветен. Француско-германскиот неформален документ (Non-Paper) за иднината на проширувањето е токму таков документ. На прв поглед, станува збор за уште еден европски предлог за забрзување на интеграцијата на државите кандидати. Во него се зборува за постепено вклучување во Единствениот европски пазар, за продлабочување на економската, енергетската и дигиталната интеграција, за поголемо учество во европските политики и за можноста граѓаните на државите кандидатки да почувствуваат дел од придобивките на членството уште пред формалното пристапување.
Но, колку повеќе се чита документот, толку повеќе станува јасно дека неговото вистинско значење не е во поединечните предлози, туку во тоа што ни открива како Берлин и Париз денес го разбираат проширувањето.
За да се разбере тоа, вреди да се вратиме само неколку недели наназад.
Од асоцијативно членство до постепена интеграција
Писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц предизвика внимание затоа што се обиде да отвори простор за нешто што долго време беше политичко табу. Во писмото канцеларот Мерц зборуваше за асоцијативно членство за Украина, привилегирано партнерство или статус на привилегиран набљудувач за државите од Западен Балкан како нови категории на интеграција и посебни форми на институционално учество беа идеи што директно ја допираа архитектурата на Европската Унија. Тие отвораа можност за создавање нови категории помеѓу кандидат и членка, нешто што во европската историја никогаш навистина не постоело. Оттука, не е случајно што тие предлози исчезнаа во временскиот период од 18 мај до 4 јуни оваа година и од писмото на канцеларот Мерц до француско-германскиот неформален документ на канцеларот Мерц и претседателот Макрон. Не затоа што биле нужно погрешни, туку затоа што многу брзо ја отвораат дебатата што Унијата сè уште не е подготвена да ја води. Асоцијативен европратеник, асоцијативен комесар или асоцијативен член не се само нови политички категории. Тие подразбираат нови правила, нови права и нови односи помеѓу државите. Со други зборови, тие подразбираат промена на основачките договори, документи врз кои почива Европската Унија. Токму таму, во точката во која политичката идеја допира до договорната архитектура на Унијата, завршува првата верзија на амбицијата и започнува нејзината политичка адаптација. Затоа исчезнуваат асоцијативните комесари, асоцијативните европратеници и новите категории на членство. Не затоа што таквите идеи биле неостварливи, туку затоа што премногу брзо нè носат кон прашањето за реформа на самата Унија.
Проширување или управување со проширувањето
Тука француско-германскиот неформален документ станува многу поинтересен од писмото на канцеларот Мерц. Тој не се обидува да создаде нов статус, туку да реконструира нешто што веќе постои. Наместо да ја менува институционалната форма на членството, тој се обидува да ја помести границата на интеграцијата. Наместо да каже како кандидатите ќе влезат во Унијата, тој објаснува како Унијата може постепено да влезе во секојдневното функционирање на кандидатите. Тоа е политички помудро, правно побезбедно и дипломатски полесно за прифаќање. Но поради тоа е и аналитички поинтересно. Затоа што, ако внимателно се чита документот, се гледа дека тој не одговара целосно на прашањето за проширувањето. Тој одговара само на прашањето како да се управува со проширувањето додека се останато останува политички тешко. Оттаму, веројатно неговата природа е да ја одржи врската и да ги задржи државите од Западниот Балкан заинтересирани за членството во Унијата.
Тој е геополитички компромис, со елементи на рафинирана методологија и со многу јасна функција на управувачка алатка.
Треба да ги задржи државите кандидати блиску до Европската Унија, да им даде доволно видливи придобивки за да не се изгуби реформскиот импулс, но истовремено да не ја отвори до крај дебатата за моментот кога интеграцијата станува членство. Поради тоа документот е многу подетален кога зборува за пристап до политики, пазари, програми и механизми отколку кога зборува за пристапување. Тоа не е случајна празнина, туку политички симптом. Европската Унија денес има многу појасна претстава како да ги приближи кандидатите до себе отколку како да ги внесе во себе.
И тука се гледа разликата помеѓу проширување како затворање на процесот и проширување како негово управување. Првото бара крајна точка. Второто бара следна фаза. Затоа прашањето дали овој предлог е добар или лош е премногу едноставно. Тој е корисен, но недовршен.

Корисен, но недовршен
Корисен е затоа што конечно се обидува да ја врати врската помеѓу реформите и придобивките. Долги години од државите кандидатки се бараше да спроведуваат реформи денес, а политичката награда се одложуваше за некоја недефинирана иднина. Тоа произведе замор, недоверба и простор за локални политички елити кои научија да живеат удобно во вечната транзиција. Ако постепената интеграција донесе конкретни економски и практични придобивки, граѓаните конечно ќе можат да почувствуваат дека европскиот процес не е само дипломатски јазик, туку реална промена во нивниот живот. Во таа смисла, предлогот има политичка логика која одамна недостасуваше. Истовремено, тој има и силна геополитичка логика. Во услови на војната во Украина, растечката конкуренција помеѓу големите сили и сè поизразената нестабилност во меѓународниот поредок, Европа сака државите од Западниот Балкан, Молдова и Украина уште поцврсто да ги врзе за сопствениот политички, економски и безбедносен простор. Од таа перспектива, документот не е само политика на проширување. Тој е и инструмент за геополитичко приврзување. Но токму тука започнува и главниот ризик.
Ако придобивките не се поврзани со јасен пат кон членство, тогаш постепената интеграција може да стане не мост, туку нова чекална. Подобро уредена, подобро финансирана и политички поприфатлива чекална, но сепак чекална. Тоа е суштинската опасност на концептот што сè повеќе почнува да наликува на „сè освен името – проширување“. Не затоа што интеграцијата е проблематична сама по себе, туку затоа што без јасна крајна точка таа може да стане замена за пристапувањето.
Од таа гледна точка, најголемата слабост на документот е што не објаснува дали т.н. building blocks се патоказ или сложувалка. Ако се патоказ, тогаш секој чекор има своја логика, редослед и цел. Државата влегува во една фаза, испорачува резултати, се оценува и продолжува понатаму. Ако се сложувалка, тогаш државите ќе се вклучуваат во различни области, со различна брзина и различен политички третман, без јасна гаранција дека сето тоа навистина води кон членство. Во првиот случај имаме постепено пристапување. Во вториот имаме управување со интеграцијата. Оттука, важно е да се каже дека голем дел од ова не е ново. Постепена интеграција, условеност, реверзибилност, секторско приближување, поврзување на реформите со придобивки — сето тоа веќе беше дел од европскиот јазик, особено по новата методологија од 2020 година. Новината не е во самите инструменти. Новината е во обидот тие да се спакуваат во една политичка архитектура и да се претстават како нова динамика на проширувањето. Токму поради ова мора да се постави едно непријатно прашање. Ако ова го прави процесот покредибилен денес, а се има предвид дека станува збор за препакување, тогаш зошто истото не го направи процесот покредибилен пред пет години?
Ова прашање е особено важно затоа што Европската Унија со години го поврзуваше проширувањето со сопствената реформа. Се велеше дека Унијата мора да се подготви пред да се прошири. Но во француско-германскиот документ речиси сè се однесува на подготовката на кандидатките, а речиси ништо на подготовката на самата Унија. Тогаш дилемата е неизбежна. Дали навистина се подготвува нов бран проширување или се создава поодржлив модел за држење на кандидатите блиску до Унијата додека самата Унија не реши што сака да биде?
Што значи ова за Северна Македонија?
За Северна Македонија, ова не е дебата што треба да се набљудува од страна. Напротив, ова е момент во кој треба да се влезе со јасен став. Предлогот треба да се поддржи, затоа што носи можност за конкретни придобивки и за поголемо врзување на регионот со Европската Унија, но, истовремено треба да се бара негова суштинска доработка.

Скопје треба да инсистира постепената интеграција да биде патоказ кон членство, а не мени од кое Унијата и кандидатките ќе избираат што е политички најлесно во даден момент. Треба да се бараат јасни критериуми, јасни фази и јасна крајна точка. Вториот елемент е уште поважен. Ако Европската Унија навистина смета дека проширувањето бара институционална адаптација, тогаш таа адаптација не смее постојано да се одложува во некој посебен и неизвесен процес. Следниот договор за пристапување, најверојатно оној на Црна Гора, може и треба да стане и договор за реформа на Основачките договори во деловите неопходни за новото проширување. Така проширувањето нема да биде заложник на реформата на Унијата, туку инструмент преку кој Унијата ќе се реформира.
Конечно, Северна Македонија треба да престане да се однесува како држава што чека и да почне да се однесува како држава што преговара, или т.н. frontloading. Доколку Европската Унија навистина сака постепена интеграција, тогаш таа треба да биде подготвена да прифати и претходно отворање преговорите. Наместо да се чека формалното отворање на кластерите, подготовката на преговарачките позиции, усогласувањето со acquis и институционалното јакнење треба да продолжат како процесот веќе да е во тек. Политичките блокади не смеат да бидат изговор за институционално мирување. Напротив, времето до нивното надминување треба да се искористи за подготовка на државата за денот кога политичкиот прозорец конечно ќе се отвори. Институционалниот капацитет се гради пред политичкиот момент, а не по него.
На крајот, француско-германскиот документ не треба да се чита само како предлог за Западниот Балкан, Молдова или Украина. Тој треба да се чита како огледало на самата Европска Унија.
А во тоа огледало гледаме Унија која ја разбира геополитичката потреба од проширување, но сè уште не е подготвена јасно да го дефинира политичкиот момент на пристапување. Гледаме Унија која знае како да интегрира, но сè уште се двоуми како да прими нови држави. Гледаме Унија која зборува за проширување, но предлага само архитектура на управување со проширувањето.
Затоа, најважното прашање не е дали постепената интеграција е добра идеја. Таа веројатно е.
Прашањето е кога постепената интеграција престанува да биде интеграција и станува членство.
Сè додека тој одговор недостасува, француско-германскиот предлог ќе остане важен, корисен, но недовршен — документ што нуди многу повеќе Европа пред членството, но сè уште не кажува доволно јасно кога таа Европа ќе стане членство.
