Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ги возобновува „Ѓурѓовденските средби“

Марјановиќ

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ организира хуманитарен концерт „Ѓурѓовден кај Ѓорѓи Марјановиќ“ кој ќе се одржи на 6-ти мај 2026 година (среда) во салонот „19-19“ во Скопје. Со класична музика и хуманитарна мисија, Фондацијата ги возобновува традиционалните „Ѓурѓовденски средби“.

Датумот 6-ти мај за семејството Марјановиќ носи тројна симболика – тоа е роденденот, именденот и семејната слава на Професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој додека беше жив, традиционално се прославуваше во неговата семејна куќа во Сингелиќ. Оваа година, тој приватен дух на отвореност и заедништво се пренесува во јавен простор, претворајќи го во хуманитарен чин со долгорочен импакт.

Под уметничко раководство на м-р Даница Стојанова, публиката ќе има можност да ужива во делата на ШопенРахманиновХачатурјан и Смокварски, изведени од еминентни музичари и млади виртуози, меѓу кои: Васил Атанасов (обоа), Даница Стојанова (пијано), Петар Макариевски (пијано), Весна Ангелова Христов (пијано), Марина Чадо (виолина), Тереза Крцоска (виолина), Виолета Шуковиќ (пијано), дуото Гелебешеви (пијано), и талентираните студенти: Ада Богоевска (виолончело), Ана Манчева (пијано), Јован Станковиќ (пијано) и Гала Нановска (пијано).

Целта на овој собир е обезбедување едногодишна ИТ и јазична едукација за 20 деца од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.

„Овој концерт е спој на она што татко ми најмногу го сакаше – убавата музика и вербата во младите луѓе. Преку ‘Фондот за школување’, ние не им даваме на децата само помош, туку им даваме алатки за трајна самостојност,“ истакнува Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата.

Фондацијата ги повикува сите почитувачи на ликот и делото на Професорот да го резервираат своето место преку донација. 

Влезница за настанот може да се обезбеди на следниот линк: https://fgm.org.mk/6maj2026/

Зачлени се на нашиот е-билтен