Крсте Роџевски вечерва го отвора првото издание на „Џез-вечери” на „Охридско лето”

Со концертот на Крсте Роџевски вечерва во 20 часот, во црквата „Света Софија” започнува првото издание на „Џез-вечери”, нова програма во рамките на фестивалот „Охридско лето”. До 16 август, во организација на Радио „Џез ФМ” и на НУ „Охридско лето”, во „Света Софија” и на сцената „Долни Сарај” ќе се одржат шест концерти со музичари од Македонија, САД, Германија, Грција, Гана, Холандија и од Велика Британија.

На концертот Крсте Роџевски ќе ја промовира својата најнова двојна ЛП-објава „Orthodoxia Kai Thanatos”. Македонскиот пејач, гитарист и композитор, кој повеќе од две децении е активен на авангардната њујоршка „даунтаун” сцена, ќе настапи со Христијан Моневски и со Дамјан Палоски на вокален исон, како и со Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски на контрабас. Албумот содржи композиции базирани на византиско пеење, како и ремикси од значајни имиња на експерименталната сцена.
Истата вечер ќе настапи и „Дине Донеф трио” со проектот „Storytales”. Дине Донеф, композитор, контрабасист и мултиинструменталист со македонско потекло, во својата музика ги спојува балканската традиција, импровизацијата и современата композиција. Со него ќе настапат Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис.

Во петок (14 август), на сцената „Долни Сарај”, Националниот џез-оркестар ќе ја изведе „Македонски сновиденија”, програма што го поврзува македонскиот фолклор со современиот џез. Под диригентската палка на Владимир Николов, со специјален гостин – трубачот Питер Сомуа од Гана, оркестарот ќе понуди нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од традицијата.

Питер Сомуа ќе настапи и следната вечер (15 август), со својот состав „Питер Сомуа груп”. Музичарот со потекло од Гана, што живее и што работи во Ротердам, во својот авторски звук ги поврзува современиот џез и западноафриканските музички традиции. Истата вечер ќе настапи и Нубаја Гарсија, една од водечките фигури на новата британска џез-ренесанса. Со својот квартет, саксофонистката и композиторка ќе го претстави својот препознатлив звук, во кој современиот џез се преплетува со карипски традиции, афробит, даб и електронски влијанија.

Првото издание на „Џез-вечери” ќе заврши на 16 август со британскиот состав „KIIOTO”, предводен од вокалистката Лу Роудс и од мултиинструменталистот Роан Хит. Нивната музика ги спојува: џезот, електрониката, соулот, трип-хопот, амбиенталната музика и современиот поп.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?