Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

По 25 години, на сцената се враќа Балканската филхармонија

На 17 февруари 2025 година, во салата на НДК во Софија, Националната филхармонија на Македонија ќе се здружи со Софиската и Солунската филхармонија за да ја изведат легендарната сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Концертот ќе биде под диригентската палка на маестро Најден Тодоров и ќе ги спои музичарите од трите земји во значајна културна иницијатива.

Проектот беше инициран од маестро Тодоров како симбол на културната соработка во регионот и е продолжение на успешната традиција на заеднички концерти на Балканот. Како солисти, ќе настапат познатата сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов. Првичната идеја е концертот да се повтори во Скопје и Солун.

Ова не е прв пат музичарите од Балканот да се здружат на заеднички проект. Во 2000 година, на иницијатива на Македонската филхармонија, беше започнат проектот Балканска филхармонија, во кој учествуваа музичари од сите балкански земји. Три концерти беа одржани во Скопје, од кои првиот се одржа под диригентство на маестро Емил Табаков, при што беше изведена Бетовеновата Деветта симфонија. Како солисти настапија вокални уметници од Македонија, Бугарија, Романија и Албанија, а соработката беше поддржана од Хорот на Македонската опера и балет и Хорот на Македонската радио-телевизија.

Првиот концерт на Балканската филхармонија беше забележан и со продукцијата на документарниот филм „Радост на животот“, кој ја освои првата награда на фестивалот во Визбаден и беше награден на фестивалот Земјата на виното во Калифорнија.

Во продолжение на успехот, во 2001 година беше одржан вториот концерт, на кој беше изведена Симфонијата бр. 2 „Барбара“ од Властимир Николовски и Симфониската поема „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. Третиот концерт се одржа во 2002 година, со изведба на Симфонијата бр. 2 „Воскресение“ од Густав Малер.

Со оваа нова иницијатива, Балканската филхармонија продолжува да биде важен амбасадор на културната размена и музичката соработка во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен