Слаткаристика со нова песна и силна порака до оние што му пресудија без да ја слушнат приказната

Слаткаристика

Во земја во која често е полесно да се осуди отколку да се разбере, македонскиот рапер Слаткаристика е во центарот на вниманието.

Марко Маринковиќ – Слаткаристика, денеска одржа впечитлива прес конференција по повод големиот концерт кој ќе се одржи на 2-ри август (Илинден) во Охрид на стадионот „Билјанини Извори“.

Слаткаристика на иста маса ги собраа предводниците на домашната поп-рап сцена, на настан на кој покрај деталите за илинденскиот спектакл под мотото „20 години во игра“, премиерно беше промовирана новата песна „Верувај“ и видеоспот за неа што ја изведуваат Слаткар и Зи Бомб.

Промоцијата на неговата нова песна доаѓа во период кога јавноста жестоко дебатира за играниот во подготовка „Слушни ме!“, биографски проект посветен на неговиот живот и кариера, кој доби поддршка од Агенцијата за филм.

Филмот, според најавите, не е само приказна за еден од најпознатите македонски рапери, туку и сведоштво за човек кој со години се борел со говорни потешкотии и успеал да стане еден од најпрепознатливите музички гласови на својата генерација.

Но наместо разговор за пораката на филмот, дел од јавноста и конзервативните кругови отворија дебата дали токму Слаткаристика заслужува државна поддршка за документарец посветен на неговиот живот. На социјалните мрежи следуваа критики, навреди и политички толкувања на проектот.

Реакцијата на Слаткаристика беше неочекувана.

Наместо да влезе во пресметка со критичарите, тој соопшти дека се откажува од средствата што му биле одобрени преку Агенцијата за филм и дека филмотт ќе продолжи да се реализира без државната финансиска поддршка.

Големо внимание привлече и изјавата на Слаткар околу неговиот претстоен документарен филм, кој во моментов е снимен речиси до половина и се очекува да излезе при крајот на годинава. На прашањето за медиумскиот притисок и финансиска поддршката од која артистот се откажа, а ја доби од Агенцијата за филм, Слаткаристика одговори со својот препознатлив, директен стил:

„Целото тоа преистурување на кофи со … ја ќе кажам – го*на … Можеби делува онака лошо од страна, ама ни го реши филмот. Сето тоа ќе влезе во филмот и некако, знаеш како викаат: ’Секое лошо е за добро‘, така да … Можеби ќе звучи чудно, али фала им“.

„Не им пречи филмот. Им пречи приказната“, е поентата што провејува низ неговите јавни настапи и објави деновиве. Наместо да зборуваат за момчето кое од дете со говорна маана стигна до полни концертни сали, дел од критичарите повторно се вратија на старите политички и идеолошки поделби.

Токму затоа новата песна што ја промовира Слаткаристика звучи како повеќе од музичка објава. Таа доаѓа како лична исповед, како обид да се потсети јавноста дека зад сценското име стои човек кој две децении ја гради својата кариера, минувајќи низ предрасуди, исмевања и оспорувања.

Неговата приказна е и приказна за генерација која растеше со неговите стихови. За младите кои во неговите песни препознаваа борба, неприпаѓање, инает и верба дека успехот не мора да доаѓа од привилегија. Затоа и филмот „Слушни ме!“ не е само музички проект. Тој отвора тема за луѓето со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството – тема која ретко добива простор во јавноста.

Во време кога јавниот простор е преполн со поделби, случајот со Слаткаристика покажа колку лесно се заборава суштината. Наместо да се зборува за човекот што ја претворил својата слабост во сила, вниманието повторно се префрли на идеолошките ровови.

А можеби токму затоа насловот на документарецот е најдобриот одговор на сите полемики – „Слушни ме“. Зашто понекогаш, пред да се суди, доволно е прво да се сослуша приказната.

Најчитано