Под мотото „Уметност што обединува, порака што инспирира!“, синоќа во НУ Центар за култура „АСНОМ“ во Гостивар свечено беше отворена групната изложба на млади стрип автори од Северна Македонија, Албанија и Србија. Настанот, кој привлече голем број љубители на уметноста, е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Во време на регионални предизвици и меѓуетничка фрагментација, изложбата покажа дека деветтата уметност може да биде моќен медиум за поврзување на луѓето. Преку своите дела, младите уметници испратија силни пораки за мир, соживот и заштита на природата, актуелизирајќи го безвременскиот апел на Џон Ленон во денешниот контекст.
Пред присутните се обрати Томе Трајков, раководител на групацијата, кој воедно е иницијатор и координатор на голем дел од претставените проекти. Посетителите имаа можност да видат стрип творби настанати во рамките на активностите на Стрип центарот на Македонија (СЦМ), како и дела од други регионални проекти под менторство на Трајков.

Оваа изложба е една од првите активности на новоформираната групација „СТРИП ЦЕНТАР – СТРИПОТ МОЖЕ“ со седиште во Велес, која функционира како програмска фракција на СЦМ. Целта на ова ново јадро е континуиран развој и афирмација на македонскиот стрип меѓу сите етнички заедници. „Создаден е процес и нема запирање“, порачуваат организаторите.
Изложбата во Гостивар ќе биде отворена за јавноста во наредните седум дена.
