Здружението „Зборци“ ја организира годинешната „Зборотворба на годината“ манифестација посветена на македонскиот јазик, зборообразувањето, книжевноста и музиката, која ќе се одржи на 12 септември (сабота), со почеток во 19:00 часот, во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Годинава до „Зборци“ пристигнаа 512 кандидат-зборови за изборот на збор на годината.
„Зборотворба“ е замислена како празник и подарок за македонскиот јазик, место на кое јазичната креативност излегува од рамките на училниците и институциите и станува дел од јавниот простор. Преку отворениот повик за нови зборови, „Зборци“ ги охрабруваат луѓето да создаваат, да предлагаат и да размислуваат за зборови што можат природно да влезат во секојдневниот говор.
„Елементот на натпревар го разгорува креативниот процес и им овозможува на луѓето да се осмелат да испратат збор што го зборуваат со пријателите, го сонуваат со партнерите или можеби го носат од некоја приказна што ја слушнале како деца. Оваа година добивме 512 кандидат-зборови и тоа за нас е огромен успех. Најмногу би нè радувало ако некој од избраните зборови навистина фати корен и почне да живее во секојдневниот говор“, велат од „Зборци“.
Настанот ќе започне во 19:00 часот со дискусија на тема „Озборување“, во која ќе учествуваат Калиа Димитрова, Румена Бужаровска и Никола „Коља“ Гелевски, а модератор ќе биде Виктор Бучковски. Темата поаѓа од идејата дека озборувањето, иако најчесто се разбира негативно, е една од најстарите и најприсутните форми на човечка комуникација и важен дел од начинот на кој преку јазикот градиме блискост, доверба и правила во заедницата.
По дискусијата следува музичката програма, замислена како спој на различни генерации, жанрови и изрази од македонската сцена. Во 20:15 часот ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ, во 20:45 часот Лидија Кочовска и Јоргуш, во 21:30 часот Вец Вајс Верс, а во 22:00 часот „Животни“. Во 23:00 часот следува заедничкиот настап на Принцес Донатсу и Донплеја со Битолскиот камерен оркестар, додека вечерта во 00:00 часот ќе ја заокружат „Маратонци“.
Од „Зборци“ велат дека програмата не е составена според однапред зададена жанровска формула, туку произлегува од постојано следење на домашната музичка сцена. Лидија Кочовска го носи интергенерацискиот мост, Женскиот младински хор при МКЦ внесува хорска енергија, Вец Вајс Верс и „Животни“ го претставуваат современиот авторски израз, а настапот на Принцес Донатсу и Донплеја со Битолскиот камерен оркестар е еден од најголемите програмски експерименти на манифестацијата.
За изборот на победничките зборови годинава ќе одлучува жири-комисија составена од луѓе што доаѓаат од различни области и поинаку го слушаат и разбираат јазикот:
• проф. д-р Илина Јакимовска – професорка на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ;
• проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска – професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“;
• Никола Трпески – рапер и текстописец;
• Дамјан Читкушев – театарски режисер;
• Виктор Бучковски – претставник на „Зборци“.
При изборот предност ќе имаат зборотворби што имаат шанса да фатат корен во секојдневниот говор, зборови што можат да понудат домашен еквивалент на постоечки интернационализми, како и креативни решенија во кои звучноста и употребливоста се среќаваат во природна целина.
„Зборотворба“ за „Зборци“ не завршува со прогласувањето на победничките зборови. Здружението најавува поактивно присуство во јавната дискусија за институционалната грижа за македонскиот јазик, следење на примената на Законот за употребата на македонскиот јазик, како и развој на програма за работа со деца преку зборообразување. Планиран е и караван низ Македонија посветен на јазичното богатство на различните краишта, говори, дијалекти и архаизми.
„Сакаме децата уште од мали да го истражуваат јазикот, да го расклопуваат, повторно да го составуваат и слободно да создаваат со него. Паралелно, сакаме повторно да ги слушнеме зборовите што ги носат нашите краишта и дијалекти. Јазикот е жив кога луѓето чувствуваат дека имаат право и радост да создаваат со него“, додаваат од „Зборци“.
„Зборци“ се формираа како иницијатива на љубители на македонскиот јазик со идеја за создавање и промовирање нови зборови што ќе го збогатат секојдневниот говор. Нивната работа денес опфаќа нови зборообразувања, архаизми и дијалекти, јавни настани, дискусии и содржини преку кои македонскиот јазик се претставува како жив, динамичен и креативен простор.
Влезот за „Зборотворба на годината 2026“ е слободен и отворен за сите посетители.
Манифестацијата е поддржана од Europe House, Општина Центар, Макпетрол, Сава Пензиско ХЕРА, Алкалоид КОНС, Фела Бар и Дизел Сервис Мичо.

