Државниот архив – Одделение Битола го презеде приватниот архивски фонд „Ристо Најдовски – Ѓоргиевски, автомеханичар и возач, Битола“, кој всушност бил првиот човек што донел автомобил во Македонија во 1905 година и еден од првите службено регистрирани возачи на овие простори.
Од Архивот во Битола посочија дека овој фонд претставува вредно сведоштво за почетоците на автомобилизмот и за техничкиот развој на градот.
„Фондот, кој е подарен од неговите наследнички Весна Велјановска и Голубка Кебаковска, содржи лични документи, биографски материјали, преписка, финансиска документација, документи за имот, како и други архивски сведоштва, меѓу кои и документи пишувани на османо-турски јазик. Вкупно се преземени 173 архивски листови, сместени во една архивска кутија“, соопштија од Државниот архив – Одделение Битола.

Првиот автомобил во земјава бил „форд Т“ што во Битола бил донесен од Детроит, Америка, каде што Ристо, од битолското село Цапари, бил на печалба. Го купил за тогашни 850 долари и со брод го испратил за Европа. Потоа Ристо се вратил во родниот крај и бил првиот професионален возач на овие простори во 1912 година. Во Битола отворил и автомеханичарска работилница, набавувал делови од Европа, а соработувал и со компанијата „Пирели“. Фордот не бил неговиот единствен автомобил, туку купил и други возила, автобус и камион. Бил сопственик и на голем чифлик во Логоварди, Новаци и Рибарци, каде што имале и ниви, а неговата најмала ќерка Милица била првата жена тракторист и се натпреварувала во Југославија.

И претходно познати битолски семејства одлучија да ја предадат во Архивот зачуваната документација за истакнати битолчани, членови на нивните семејства, по нивната смрт. Така се случи со материјалите за семејството Данабаш, Зози, поетот Радован П. Цветковски и други. Со ваквите донации Државниот архив – Одделение Битола продолжува да го збогатува и трајно да го зачувува документарното наследство на Битола, ставајќи им го на располагање на идните генерации истражувачи, историчари и сите љубители на културното наследство.
Ж. З.
Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
