Планинарскиот клуб „Љуботен“ е најстариот во Македонија. Минатата година прослави 100 години, годишнина достојна за почит. Меѓу многубријните активности на клубот е и традицијата на искачување на Титов Врв на Шар Планина. Оваа година по 44 пат неколку стотици планинари од земјата и од странство ќе се соберат на овој планинарски „аџилак“. За овие и за останатите активности со кои ПК Љуботен остава трајни траги, разговаравме со претседателот на клубот Јован Божиноски.
Претстојното искачување на Титов врв. По 44 пат. Дали е сѐ подготвено? Што значи оваа традиција за ПК Љуботен и за македонското планинарство?
Големиот дел од подготовките се при крај. Веќе се пријавени над 300 учесници, а на самото искачување очекуваме бројка од 500-600 искачени планинари.
Во државава, планинарство како активност има богата традиција, а самиот клуб кој е најстар активен клуб во Македонија и организатор на овој настан е достоен на традицијата која е поставена години наназад. Континуитетот на еден ваков настан е знак за посветеност на неколку различни генераци на клубот, кои започнатото го почитувале и подобрувале, воедно го адаптирале на новите генерации, но секогаш со најголема почит кон традицијата.
Кога зборуваме за традиции, ПК Љуботен минатата година прослави 100 години од основањето. Ви Македонија вакви годишнини се ретки и достојни за споменување? Колку „тежат“ овие 100 години за клубот? На што ве обврзуваат овие 100 години?
Беше и е огромна чест е, ние, да бидеме сведоци на овој голем јубилеј. Голем за клубот, за Тетово, за Македонија. Обврската е истата која ја имале и генерациите пред нас, а таа е да направиме подобри услови за следните генерации. Начинот како ќе ги створиме тие услови, потребно е да е заснован на традицијата и вредностите, преку едукација и следење на позитивни примери кои се засновани на истите принципи.
На веб страницата овие 100 години се поделени по периоди во кои се оствариле, се постигнале одредени задачи, цели од мисијата и слично? Што ќе запише актуелното раководство и членство на ПК Љуботен во својата декада?
Поделбата на ове периоди е логична и некако во изминативе години се дели на квартали, така да последниве петнаесеттина години од четвртиот квартал оваа генерација на членови, навистина има оствено траг кој што ќе остане забележан во историјата.
Новите трендови, носат и нови начини на функционирање, така да клубот изминативе години работеше на значајни проекти кои се од областа на развој на планинскиот туризам, промоцијата и заштитата на Шар Планина. Најзначајните активности кои се случија во овој период се отворањето на првиот Инфо Центар за Шар Планина и најголемото реновирање на најстариот планинирски дом во Македонија, планинарскиот дом „Љуботен“.

Од активностите на клубот може да се види дека ПК Љуботен не е само организатор на планинарски тури и дружби, туку посветена организација на она што значи континуирана грижа за планината Шара и не само за неа. Зошто е тоа така? Што ве движи во таа насока?
Повторно контиnуитетот. Кога ќе се вратиме наназад во годините ќе видиме дека скоро во секој сегмент од развој на Шара, клубот бил директно или индиректно вклучен. Кога ја читаме историјата забележуваме активности кои биле спроведени од нашите претходници, во некои многу поразлични услови на живеење.
Се поставува прашањето, а зоште не, ние денес кога условите се многу подобри од пред 60 или 70 години, не можеме да го направиме истото, односно да го подобриме она што ни е оставено. Секако целта е ние да им оставиме подобри услови на следните генерации.
100 години историја се и исто толку години грижа за подмладок, за поттикот за љубов и почит кон планината што ја вградивте во многу генерации. Може ли да се каже дека сте безгрижни за продолжувањето на мисијата на ПК Љуботен?
Некои генерации пред нас ги поставија темелите и ги поставија целите и задачите, други генерации ги одржуваа и ги подобруваа, ние продолживме да ги подобруваме и прилагодуваме. Според тоа, засновани се Визијата и Мисијата на клубот. Новите генерации ги учиме на почит на традицијата и горенаведените вредности, како и нас што не учеле. Така да се надеваме дека следните генерации ќе го движат клубот во иста насока.
Од пред неколку години Шар Планина, како што треба, беше прогласена за Национален парк. Какво е вашето мислење за тоа и дали работите се добро поставени? Каква е вашата соработка со НП?
Клубот се залагал Шар Планина да се прогласи за национален парк уште во педесеттите години на минатиот век, а пред десеттина години беше дел од акциската група Пријателите на Шара, чија цел беше прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје.
Откако Шара пред пет години се прогласи за Национален Парк, соработката со институцијата е на највисоко ниво. Иако е нова и мала институцијата, работите функционираат во позитивна насока, а тоа го потврдува состојбата на терен. На паркот, на Шар Планина и е потребна голема помош и поддршка од сите нас!
