Младински Сојуз – Крушево, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и Центарот за истражување и анализи НОВУС, со финансиска поддршка од Европската Унија, го реализираа проектот RAISE CSOs или Резилиентни и инклузивни патеки за социјалното претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија.
Во рамки на проектот беа реализирани 125 активности, меѓу кои национални обуки, ориентациски сесии за организациите што добија грантови, студиски и виртуелни студиски посети, шест Learning Labs, финален настан и дури 111 локални активности.
Сите овие активности покажаа дека социјалното претприемништво не е само концепт, туку практична можност младите да создаваат решенија за проблемите во своите заедници.
Насочен кон јакнење на капацитетите на локалните граѓански организации и развој на младинското социјално претприемништво, во текот на имплементацијата, проектот директно вклучи 2.329 учесници, меѓу кои 1.688 млади, 1.060 жени и девојки и 590 лица од ранливи категории. Активностите се спроведуваа во 31 град и општина, овозможувајќи темата за социјалното претприемништво да стигне и до помалите локални средини, каде што младите честопати имаат ограничен пристап до ваков вид поддршка.

Обуки, лаборатории за учење и локални иницијативи
Во рамки на проектот беа реализирани 125 активности, меѓу кои национални обуки, ориентациски сесии за организациите што добија грантови, студиски и виртуелни студиски посети, шест Learning Labs, финален настан и дури 111 локални активности. Преку нив, младите и граѓанските организации имаа можност да стекнат нови знаења, да развиваат идеи, да тестираат модели за социјални бизниси и да создаваат партнерства со различни чинители.
Паралелно со тоа, беа мапирани 202 граѓански организации, што претставува значајна основа за понатамошно градење национална мрежа за младинско социјално претприемништво. Од нив, 99 организации користеа дигитална алатка за самооценување, 50 беа опфатени со анализа на подготвеност, 48 учествуваа во специјализирани тренинг-програми, 38 беа дел од Learning Lab мрежата, а 10 организации добија грантови за развој и пилотирање програми за младинско социјално претприемништво.
Педесет идеи за подобри локални заедници
Еден од најзначајните резултати од проектот се 50 идеи за социјални бизниси, создадени од млади луѓе од различни делови на државата. Заедничко за сите нив е што не се насочени само кон економска добивка, туку и кон решавање конкретни општествени предизвици.
Идеите се распределени во шест тематски области. Дел се фокусираат на дигитални услуги и иновации, како веб-дизајн, дигитален маркетинг, платформи за фриленсери и апликации за постари лица. Други се насочени кон циркуларната економија, преку повторна употреба на материјали, компостирање, искористување отпадни суровини и создавање нови производи.
Посебен акцент е ставен и на зелените бизниси, односно идеи поврзани со обновливи извори на енергија, користење природни ресурси и подигање на еколошката свест. Во областа на храната, здравјето и локалните производи, младите предложија иницијативи за здрава исхрана, природна козметика и промоција на локални производи.
Креативноста исто така има значајно место, па така се развиени идеи за одржлива мода, рачно изработен накит, макраме, дрвени изработки и традиционални занаети, додека шестата категорија е насочена кон инклузија и грижа, со предлози за услуги за стари лица, поддршка за лица со зависности, лица со оштетен слух, психосоцијална поддршка, младински и женски креативни клубови и грижа за животни.
Learning Lab: простор каде се поврзаа сите сектори
Еден од најиновативните сегменти на проектот беше Learning Lab мрежата, која овозможи заедничка работа на 309 претставници од различни сектори.
Во оваа мрежа учествуваа 87 граѓански организации, 70 институции и претставници од јавниот сектор, 29 претставници од образовните институции, 18 претставници од бизнис секторот, 22 фондации и 83 индивидуални учесници. Преку заедничката работа беа формирани пет локални хабови, кои ќе продолжат да претставуваат простор за соработка, размена на искуства и развој на нови иницијативи.
Проектот покажа дека развојот на социјалното претприемништво не зависи само од ентузијазмот на младите, туку и од силното поврзување меѓу граѓанските организации, институциите, образованието и приватниот сектор.

Ресурси што остануваат и по завршувањето на проектот
Покрај практичните активности, RAISE CSOs создаде и 80 различни ресурси кои ќе можат да ги користат организациите и институциите и во иднина. Меѓу нив се дигитална алатка за самооценување, анализи, студии на случај, методологии, прирачници, курикулуми за обука, извештаи, подкасти, инфографици и препораки за јавни политики.
Проектот обезбеди и значајна јавна видливост, достигнувајќи 966.474 граѓани преку социјални медиуми, видеосодржини, телевизиски гостувања и медиумски објави. На тој начин, темата за социјалното претприемништво стана поприсутна во јавноста и поблиска до младите луѓе.
Основа за идни иницијативи
Резултатите од RAISE CSOs покажуваат дека младите во Северна Македонија имаат идеи, мотивација и желба активно да придонесуваат за развојот на своите заедници. Она што најчесто им недостига се поддршка, менторство, ресурси и можности за вмрежување.
Проектот постави цврста основа за понатамошен развој на младинското социјално претприемништво преку обучени граѓански организации, воспоставени партнерства, практични алатки и конкретни идеи кои можат да прераснат во одржливи социјални бизниси. Истовремено, испрати јасна порака дека младите не се само иднината, туку активни носители на позитивни промени уште денес.
