ДУИ: Владата подели клучеви од социјални станови што ги изгради претходната власт

социјални станови

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) ја обвини Владата дека вчерашното доделување на клучевите од социјалните станови во Дебар го искористила за политичка промоција на проект кој, според партијата, бил подготвен и реализиран од претходната влада.

Во соопштение, ДУИ наведува дека Владата организирала јавен настан со камери, изјави и фотографии, но не им кажала на граѓаните дека станува збор за проект што бил осмислен, финансиран и започнат во претходниот владин мандат.

„Проектот е подготвен, финансиран и започнат од претходната Влада. Овие дојдоа на крајот, кога сè беше готово, само за да ги поделат клучевите и да се фотографираат“, се наведува во реакцијата.

Од ДУИ тврдат дека актуелната Влада веќе две години промовира проекти наследени од претходната власт, наместо да реализира сопствени капитални инвестиции.

Партијата ја повика Владата да одговори кој проект во изминатите две години самостојно го осмислила, го финансирала, го започнала и го завршила, а кој не е наследен од претходниот владин состав.

„На семејствата во Дебар им ги честитаме становите. Но, на граѓаните мора да им се каже вистината: Владата вчера не промовираше своја работа. Промовираше уште еден проект завршен од други“, соопшти ДУИ.

Од Владата засега нема реакција на обвинувањата изнесени од опозициската партија.

Најчитано