Езерото што исчезнуваше се буди: Добра вест од Преспа

Преспа

По години аларми за драматичното повлекување на водата, Преспанското Езеро конечно покажува знаци на закрепнување. Последните мерења покажуваат дека за само шест месеци водостојот е зголемен за речиси метар и половина, што кај локалното население, екологистите и институциите буди надеж дека едно од најзагрозените природни богатства во регионот полека „се враќа во живот“.

Од Секторот за животна средина во Општина Ресен за ТВ 24 велат дека, покрај тоа што езерото се полни, во моментов е прекинат и долгорочниот тренд на постојано опаѓање на нивото на водата. Според нивните проценки, доколку следуваат уште две поволни хидролошки години со повеќе врнежи и снег, нивото на езерото би можело да се доближи до состојбата што ја имало околу 2000 година.

Добрата хидролошка состојба оваа пролет најмногу се поврзува со обилните дождови и зголемените дотечни води, кои привремено го стабилизираа езерскиот систем. Но експертите предупредуваат дека и покрај моменталното подобрување, Преспанското Езеро сè уште е далеку од безбедна состојба. Според анализите, во последните шест децении езерото изгубило околу 60 проценти од својот волумен вода – последица на климатските промени, намалените снежни врнежи, сушите, прекумерното користење на водата за наводнување и природното понирање кон Охридското Езеро преку карстниот релјеф.

Во изминатите години сликите од Преспа беа речиси апокалиптични – исушени плажи, кал и тиња на местата каде некогаш имало вода и километри повлечено крајбрежје. Во одредени периоди водостојот бил и до три метри под нормалата, што го вклучи алармот кај научната и еколошката јавност.

Покрај зголемениот водостој, локалните екологисти посочуваат дека се забележуваат и позитивни промени во односот кон земјоделството и заштитата на почвата. Сè повеќе овоштари во Преспанскиот регион преминуваат кон органско производство и користење органски препарати и ѓубрива, што постепено го намалува загадувањето кое со години дополнително го нарушуваше еко-системот на езерото.

Сепак, експертите предупредуваат дека сегашното подобрување не смее да создаде лажно чувство на сигурност. Преспанското Езеро останува еден од најранливите водни екосистеми на Балканот и неговото спасување ќе зависи од долгорочна регионална соработка меѓу Македонија, Албанија и Грција, како и од сериозни мерки за управување со водните ресурси, контролирање на наводнувањето и адаптација кон климатските промени.

Зачлени се на нашиот е-билтен