Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со општинските служби и претставниците на урбаните заедници, започнува теренска есенска офанзива низ сите маала и улици во општината. Целта е проблемите и потребите на граѓаните да се слушнат директно на терен и побрзо да стигнат до надлежните служби.
Првата теренска обиколка започнува во Капиштец, по што активностите ќе продолжат во сите останати маала и урбани заедници во Центар.
Заедно со граѓаните, општинските екипи ќе ги евидентираат оштетените улици и тротоари, дупките, паднатите или оштетени столпчиња, проблемите со урбаната опрема и другите недостатоци за кои Општината може да преземе мерки.
Герасимовски најавува дека идејата е проблемите да не се детектираат само преку пријави и административни процедури, туку службите директно да излезат меѓу жителите.
„Почнуваме од Капиштец, но ќе ги поминеме сите маала, улици и урбани заедници. Заедно со службите, одговорните во урбаните заедници, но и со граѓаните, сакаме на лице место да ги видиме проблемите и што побрзо да реагираме“, вели Герасимовски.
Тој посочува дека во Центар секојдневно се работи, но секогаш остануваат проблеми што треба дополнително да се поправат или подобрат.
Според најавата, теренските обиколки нема да бидат еднократна акција. Тие ќе продолжат и во следниот период, со намера забелешките и потребите на граѓаните побрзо да бидат евидентирани, а службите да интервенираат на местата каде што е потребно.

