Голем дипломатски успех во Виена на предлог на ЛДП: Малтретирањето на нашите граѓани по границите мора веднаш да престане

ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) оствари огромна дипломатска победа на меѓународна сцена во директна заштита на достоинството на македонските граѓани и нивната европска иднина. На овогодинешниот Конгрес на партијата АЛДЕ, кој викендов се одржува во Виена (3-5 јули 2026), со огромно мнозинство беше усвоена Итната резолуција за визионерско проширување на ЕУ и достоинство на границите. Овој стратешки важен документ беше поднесен од страна на ЛДП, предводејќи ги сестринските партии од Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕН), со што уште еднаш се докажа моќта на либералното сојузништво кога се во прашање државните интереси.

Македонската делегација во Виена ја предводеше претседателката на ЛДП и актуелна претседателка на ЛИБСЕН, Моника Зајкова, заедно со меѓународниот секретар и член на Извршниот одбор на партијата, Емир Ќориќ. Преку силна лоби-акција и координација со европските партнери, ЛДП успеа да ги наметне реалните проблеми на македонските граѓани како врвен приоритет на европското либерално семејство.

„Додека на домашната сцена се води празна реторика и се троши драгоцено време на дневен популизам, ЛДП испорачува реални и опипливи резултати таму каде што се носат клучните одлуки за иднината на Македонија. Со оваа победа во Виена, извојувана заедно со нашите сестрински либерални партии, испративме силна и обединета порака од срцето на Европа: за либералите Македонија мора да напредува кон ЕУ со крената глава, без уцени и историски кочници, а малтретирањето на нашите граѓани по границите мора веднаш да престане. Човековото достоинство нема цена и ЛДП нема да отстапи од неговата заштита. Либерално-демократската партија продолжува да биде најсилниот и најефикасниот мост на Македонија кон развиениот демократски свет, борејќи се со аргументи и конкретни дела за достоинството на секој македонски граѓанин“, изјави на Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и ЛИБСЕН.

Клучниот аспект на оваа резолуција е директниот напад врз понижувачкиот третман што македонските граѓани го доживуваат на границите со Европската Унија, со посебен акцент на т.н. Систем за влез/излез (EES). Во текстот на резолуцијата, европските либерали изразија длабока загриженост поради фактот што овој систем неправедно ги третира земјите-кандидати како обични „трети земји“, што резултира со недозволиви административни тесни грла, деградација и сцени на границите кои сериозно го нарушуваат човековото достоинство. АЛДЕ упати итен повик до институциите на ЕУ и земјите-членки за итна реформа на овие протоколи, со цел да се заштити прекуграничната економија и да се врати европската солидарност на дело.

Истовремено, со оваа резолуција се бара децидно и итно прекинување на практиката на билатерализација на пристапниот процес. Европските либерали испратија кристално јасна порака дека не смее да се дозволи ниту една земја-членка да го злоупотребува правото на вето за билатерални спорови и прашања базирани на историја, кои со години неправедно го кочат македонскиот напредок. Наместо тоа, се бара брза транзиција кон гласање со квалификувано мнозинство (QMV) за сите меѓучекори во интеграцијата, што ќе обезбеди предвидлив процес заснован исклучиво на реални заслуги и исполнети критериуми.

Резолуцијата исто така јасно дефинира дека фазната интеграција и пристапот до Единствениот пазар мора да бидат исклучиво во корист на граѓаните и бизнисите, со цел забрзување на патот кон полноправно членство во ЕУ, а не создавање на европски граѓани од втор ред.

Најчитано