Не мора да викате. Не мора да кршите врати, да палите гуми или да го блокирате автопатот. Не мора ниту да знаете да држите говор. Само пуштете некаков глас, да знаеме дека сте живи.
Зашто она што се случи во Гостивар не беше обичен дефект на водоводот. Не пукна цевка, па два часа немавте вода. Не се замати изворот по силен дожд. Според Обвинителството кое конечно се одважи (а ако не беа новинарите немаше ни да знаете), три потопни пумпи биле поставени во отворен канал и преку црева пренесувале загадена површинска вода во комора поврзана со системот за вода за пиење.
Во каналот биле измерени 2.419,6 колиформни бактериски единици на 100 милилитри, при максимално дозволени 50. Во каптиран извор биле пронајдени 39 единици, иако во водата за пиење треба да има нула. На една чешма во градот бил измерен и резидуален хлор од 1,1 милиграм на литар, повеќе од двојно над максимално дозволената вредност. Откако сфатиле дека фекалии или ајде да не бидеме толу нежни, гомна од говеда ви вбризгувале во водоводот.
Некогаш е потребно да ја напуштиме нежноста во комуникациите и да ги кажеме работите на начин на кој секој ќе ги разбере.
Околу 3.100 граѓани се јавивте со стомачни тегоби или бевте евидентирани во здравствените контакти поврзани со кризата.
А пред „Комуналец“ излегле едвај дваесетина луѓе.
Без организатор. Без говори. Без маса. Без глас што може да се слушне подалеку од неколку метри.
Една од присутните рекла дека случајно прочитала оти ќе има протест и очекувала многу повеќе луѓе. „Проблемот не е поединечен, не знам што е поентата и кај се луѓето“, прашала жената.
Одговорот е: дома се.
Пред телевизор се. На телефон се. Во партиските групи се. Во кафеана се, веројатно прашувајќи се со каква вода им се измиени чашите. Во редот за флаширана вода се. Во приватните разговори се лути, а во јавноста се невидливи.
Можеби протестот бил лошо најавен. Можеби немало организатор. Можеби луѓето не знаеле каде и во колку часот треба да дојдат. Можеби биле уморни од носење шишиња, чување болни деца и барање вода низ продавниците.
Сето тоа може да објасни зошто немало илјадници.
Не може да објасни зошто имало дваесетина.
Во град со десетици илјади жители, дваесетина луѓе не се протест. Тоа е групна фотографија. Тоа е бројка што може да се собере за роденден, за кафе по работа или за пречек на братучед од Швајцарија.
Но за вода загадена со бактерии, за илјадници медицински интервенции и за сомнение дека некој свесно пумпал вода од отворен канал во водоводот, дваесетина граѓани се појавиле да прашаат што се случува.
Зошто?
Затоа што Македонија одамна не е само држава на политички партии. Таа е држава во која партиската припадност за многумина се претворила во систем за лична безбедност.
Партиска држава не е само држава во која партиите ги контролираат институциите. Партиска држава е онаа во која граѓанинот, пред да каже дека водата му е загадена, прво проверува чиј директор раководи со водоводот, чиј градоначалник е во општината и која партија би можела да го злоупотреби неговото присуство на протест.
Партиска држава е кога човек не прашува дали нешто е точно, туку кому му оди во корист ако го каже.
Европската комисија во својот извештај за владеењето на правото наведе дека корупцијата во јавниот сектор е поврзана со влијанието на политичките партии и со недоследната примена на вработувањето според заслуги. ОБСЕ претходно регистрираше загриженост поради притисоци и заплашување на гласачи, меѓу кои вработени во јавниот сектор и корисници на социјална помош. Freedom House и натаму ја опишува Македонија како земја што се соочува со корупција и клиентелизам, во која активистите и новинарите трпат притисоци и заплашување.
Тоа не значи дека некој директно им се јавил на илјадници гостиварци и им наредил да не протестираат.
Стравот не мора секогаш да добие телефонски повик. Најуспешниот страв е оној што човекот самиот си го носи во џебот.
Што ако ме видат?
Што ако ме фотографираат?
Што ако ме запишат?
Што ако жена ми работи во општината?
Што ако син ми чека вработување?
Што ако треба дозвола за дуќанот?
Што ако утре ми треба услуга?
Што ако кажат дека сум со другите?
Кога системот доволно долго го учи човекот дека работното место, договорот, дозволата или помошта не се право, туку услуга од партијата, тогаш лојалноста станува поважна од здравјето.
И водата станува партиска.
Ако директорот е „наш“, тогаш бактериите се напад од „нивните“.
Ако градоначалникот е „наш“, тогаш протестот сигурно го организираат „другите“.
Ако Владата е „нивна“, тогаш секое прашање за одговорност е дневна политика.
На крајот никој не протестира за водата. Сите ја бранат или напаѓаат партијата.
Водата, се разбира, нема членска книшка. Колиформните бактерии не прашуваат дали сте Македонец, Албанец, Турчин, Ром, член на ВЛЕН, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или човек кој одамна кренал раце од сите нив.
Тие влегуваат во истиот стомак.
Институциите, пак, во првите денови понудија добро позната претстава. Резултатите биле готови, но не можеле да се кажат без согласност од Обвинителството. Обвинителството собирало докази и предистрагата била тајна. Локалната власт чекала централната. Централната покажувала кон локалната. Партиите си разменувале соопштенија, додека граѓаните си разменувале шишиња вода.
Градоначалникот Валбон Лимани го суспендираше раководството на „Комуналец“, но изјави дека не чувствува морална одговорност за кризата. Веројатно моралната одговорност, како и исправната вода, во Гостивар се чека да пристигне со цистерна.
Ако првиот човек на градот не чувствува морална одговорност кога неговите граѓани не можат да пијат, да готват, да се измијат или да им подготват храна на децата, тогаш кој треба да ја почувствува?
Чуварот на паркингот?
Касиерката во маркет?
Мајката што го носела детето во болница?
Дваесеттемина што дошле пред „Комуналец“?
Можеби гостиварци молчат и затоа што веќе не веруваат дека нешто ќе сменат. Тоа е најтешката фаза на распадот на граѓанското општество. Не кога луѓето се задоволни, туку кога се убедени дека нивниот глас нема никаква вредност.
Тогаш човекот престанува да биде граѓанин и станува корисник.
Корисник на вода. Корисник на здравство. Корисник на партиска услуга. Корисник на флаширана помош од Владата.
Не прашува кој дозволил да се постават пумпите. Прашува каде е пунктот за бесплатна вода.
Не бара оставка. Бара уште едно пакување од шест шишиња.
Не бара системот да работи. Бара да го пуштат преку ред.
Така се создава послушна држава: не само со притисок, туку со навикнување на граѓанинот дека за основните потреби треба некому да му биде благодарен.
Гневот не треба да биде насилен. Но мора да биде видлив.
Дваесетина луѓе пред јавното претпријатие не можат сами да ја носат одговорноста за еден град. Не може тие да прашуваат во име на сите чии деца повраќале, чии родители чекале пред амбуланта и чии домови останале без вода што може безбедно да се употреби.
Не може секој проблем да чека опозициска прес-конференција. Не може секое барање за одговорност да се сведе на битка меѓу партиски штабови. Граѓанското незадоволство не смее да постои само кога некоја партија ќе испрати автобус, знамиња, списоци и сендвичи.
Протестот не е партиска сопственост.
Водата не е етничко прашање.
Здравјето не е коалициски договор.
А одговорноста не е услуга што институциите ќе ја дадат само ако имаат политички интерес.
Најстрашното загадување во Гостивар можеби нема да биде она што било пронајдено во каналот. Водоводот ќе се испере, ќе се дезинфицира, ќе се земат нови примероци и еден ден водата повторно ќе биде прогласена за безбедна.
Потешко се чисти загадувањето од страв, партиска зависност и убедување дека молчењето е најбезбедната форма на живот.
Затоа, гостиварци, гукнете.
Не за да знаеме само ние дека сте живи.
Гукнете за тие да разберат дека не сте нивна сопственост!
