(ВИДЕО) Невреме го зафати Скопје: Силни налети на ветер, активен жолт аларм за грмежи

Силни налети на ветер и дожд попладнево го зафатија Скопје, по ден со температури до 35 Целзиусови степени. Наглата промена на времето се почувствува во повеќе делови од градот, а над Скопската Котлина се развива нестабилна облачност.

Управата за хидрометеоролошки работи претходно најави дека попладнево во делови од Скопската Котлина ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Според денешната прогноза на УХМР, во одделни делови од земјата постојат услови и за изолирано невреме со појава на град.

За Скопскиот Регион е активирано жолто предупредување за грмежи, кое важи до 22:29 часот. Жолтиот метеоаларм означува потенцијално опасни временски услови и потреба од зголемена внимателност, особено при престој на отворено.

Граѓаните треба да избегнуваат движење во близина на дрвја, билборди, градилишта и нестабилни предмети. При електрични празнења не се препорачува престој на отворен простор, под осамени дрвја или во близина на метални конструкции.

Според моменталните прогнози, нестабилноста може да продолжи и во вечерните часови, со локална појава на дожд и грмежи. Во среда се очекува пад на дневната температура и посвежо време во Скопје.

Најчитано