Груевски ги покани поранешните премиери за 20 години независност, Мицкоски не покани ниту еден за 35 години

Груевски

Понекогаш за да се измери политичкиот чекор назад, доволно е да се погледне малку наназад.

Во пресрет на 20-годишнината од независноста, на 7 септември 2011 година, тогашниот премиер Никола Груевски организираше средба со поранешните премиери на Македонија.

На таа средба не потсети поранешниот премиер Владо Бучковски.

„Дури и протоколот на Никола Груевски, поранешниот премиер од партијата ВМРО-ДПМНЕ, имаше респект за поранешните премиери. Во 2011 година организираше специјална средба на премиерите во пресрет на 20 години независност, на 7 септември 2011 година“, вели Бучковски.

Ете, тоа е сликата. Токму тоа е сликата.

Не затоа што треба романтизира таа постапка на Груевски. Имаме мислење за неговото владеење. Дури и пповеќе: ниту една претходна влада не треба да биде лишена од политичка критика. Напротив.

Туку затоа што државата има меморија подолга од мандатот на која било влада.

Во 2011 година, во време на политички остри поделби, можело да се најде простор за поранешните премиери на 20-годишнината од независноста.

И тоа во време на исклучително остри политички поделби. Медиумските извештаи од тој период сведочат дека токму одбележувањето на 20-годишнината било предмет на политички несогласувања, а поранешните премиери биле дел од јавната расправа околу начинот на прославата.

Можеби средбата на Груевски била протоколарен потег. Можеби била ПР.

Но, и протоколот е политичка порака.

Особено кога станува збор за државен празник.

Денес, 15 години подоцна, актуелниот премиер Христијан Мицкоски ја одбележа 35-годишнината од независноста без ниту еден од своите претходници на премиерската функција, а претходниот претседател Стево Пендаровски потврди дека не добил покана. Тоа го објавивме и во претходниот текст на Рацин.мк.

И тука споредбата станува непријатна.

Груевски, кого денес актуелната власт често го посочува како симбол на едно поинакво политичко време, во 2011 година нашол начин барем протоколарно да ги собере луѓето кои пред него ја воделе Владата.

Мицкоски, на 35-годишнината, не најде место за ниту еден од нив.

А тоа е повеќе од протокол.

Зашто ако и формалниот гест на почит кон политичките претходници е мерка за демократска култура, тогаш споредбата е прилично јасна: наместо еволуција – назадување; наместо намалување на поделбите – нивно продлабочување.

И тоа токму на денот за кој премиерот Мицкоски порача: „И премалку сме да се делиме!“

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?