Без да бараат гаранции, Хрватска како членка на ЕУ досега доби 30 милијарди евра, Бугарија десетиици милјарди и Романија 66 милијарди

гаранции

Кога еврокомесарката за проширување Марта Кос од Скопје порача дека „ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување“, таа не изнесе нов политички став. Таа потсети на правило што важи од првото проширување на Европската Унија до денес.

Во македонската јавност, барањето за гаранции дека по внесувањето на бугарското малцинство во Уставот нема да следуваат нови условувања, често се претставува како разумно и логично. Но, кога ќе се спореди со досегашната практика на Европската Унија, станува јасно дека Северна Македонија бара нешто што ниту една земја-кандидат досега не го добила.

Прашањето затоа не е дали Македонија има право да бара гаранции. Прашањето е дали Европската Унија воопшто има механизам да ги даде.

Хрватска: влезе во ЕУ без гаранции дека спорот со Словенија е затворен

Најдобар пример е Хрватска.

Во текот на пристапните преговори, Словенија поради граничниот спор во Пиранскиот Залив повеќепати ги блокираше хрватските преговори. Наместо Европската комисија да гарантира дека такво нешто никогаш повеќе нема да се случи, двете држави беа упатени на арбитражен процес.

Хрватска стана членка на ЕУ во 2013 година, но спорот не исчезна со членството. Напротив, продолжи и по влезот во Унијата. Во 2017 година арбитражниот суд донесе одлука, но Хрватска ја отфрли како компромитирана, додека Словенија инсистираше на нејзино спроведување.

Со други зборови, членството во ЕУ не беше условено со конечен договор, ниту Хрватска доби гаранција дека прашањето повеќе нема да се отвора. Европската Унија не понуди апсолутна правна сигурност, туку политичка рамка во која спорот требаше да се решава.

Со членството во ЕУ, Хрватска, само во финансиската рамка 2014–2020, имаше на располагање околу 10,7 милијарди евра од кохезиските фондови. Дополнително, во периодот 2021–2027 доби нова кохезиска алокација од околу 14 милијарди евра, а преку Планот за закрепнување и отпорност (NextGenerationEU) уште 10 милијарди евра, од кои до пролетта 2026 веќе се исплатени околу 7,3 милијарди евра.

Повеќе од шест милијарди евра од фондовите на ЕУ за нови проекти во образованието, претприемништвото, транспортната инфраструктура, здравството, културното и природното наследство

Практично, за нешто повеќе од една деценија членство, Хрватска доби пристап до повеќе од 30 милијарди евра европски средства преку различни инструменти.

Словенија: членството не ги елиминира билатералните спорови

Искуството на Словенија покажува уште една важна лекција.

Иако стана членка уште во 2004 година, земјата продолжи да има отворени прашања со соседите. Членството не ги избриша несогласувањата, туку создаде институционален простор тие да се решаваат преку европски механизми.

Тоа е суштинската логика на Европската Унија – проширувањето не се темели на гаранција дека никогаш повеќе нема да има спор, туку на доверба дека споровите ќе се решаваат со дијалог и право, а не со блокади и конфронтации.

Црна Гора: преговорите продолжуваат без „осигурување“ од идни проблеми

Црна Гора денес е најнапредниот кандидат за членство во Европската Унија.

И покрај тоа што отвора и затвора преговарачки поглавја, никогаш не добила гаранција дека во иднина нема да се појави нов билатерален спор или дека ниту една земја-членка нема да постави дополнителни политички барања.

Напротив, процесот на пристапување постојано се оценува според исполнувањето на критериумите, реформите и политичката доверба.

Тоа е моделот што важи за сите кандидати.

Бугарија и Романија: членки без совршени гаранции

Уште поилустративен е примерот со Бугарија и Романија.

Кога влегоа во Европската Унија во 2007 година, Европската комисија оцени дека реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформата на правосудството не се доволно завршени.

Наместо да го одложи членството додека не добие „гаранции“ дека сите проблеми ќе бидат решени, Унијата го воведе Механизмот за соработка и проверка (CVM). Со него двете држави останаа под дополнителен мониторинг и по приемот во ЕУ.

Пораката беше јасна: Европската Унија не работи со апсолутни гаранции. Таа работи со политички механизми, континуиран надзор и постепено исполнување на обврските.

Инаку, како членка на ЕУ Бугарија, во тековниот финансиски период 2021–2027 Бугарија располага со 10,7 милијарди евра кохезиски фондови, што според Европската комисија претставува околу 12% од нејзиниот БДП и е еден од најголемите извори на јавни инвестиции во земјата.

Грант од 4,56 милиони за Бугарија за водороден коридор во Југоисточна Европа што ќе го поврзува Балканот со Централна Европа

Дополнително, Бугарија користи милијарди евра преку Планот за закрепнување и отпорност и други европски инструменти.

Романија, пак, само во програмскиот период 2014–2020 Романија располагаше со околу 35,2 милијарди евра европски структурни и инвестициски фондови. За периодот 2021–2027 ѝ се ставени на располагање уште околу 31 милијарда евра кохезиски средства.

Тоа се повеќе од 66 милијарди евра само во последните две финансиски перспективи.

Зошто барањето на Македонија е различно?

Во суштина, барањето на македонската Влада подразбира Европската Унија однапред да гарантира дека ниту една сегашна или идна земја-членка нема да отвори ново прашање до завршувањето на пристапниот процес.

Но токму тука е правниот проблем.

Во ЕУ секоја држава-членка самостојно одлучува за секоја фаза од проширувањето. Европската комисија може да препорачува, Европскиот парламент може да поддржува, но ниту една институција не може однапред да го ограничи сувереното право на земјите-членки да донесуваат одлуки во Советот на ЕУ.

Затоа и Марта Кос беше категорична.

„Ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување. Така функционира проширувањето на Европската Унија и важно е да се прифати оваа реалност“, изјави еврокомесарката во интервју за МИА и ја повтори истата порака на прес-конференцијата во Скопје.

Од друга страна, Кос испрати уште една порака која често останува во сенка на дебатата за гаранциите.

„Идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување. Никој не може да ви го одземе македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, рече таа на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Со тоа Европската комисија се обиде да направи јасна разлика меѓу две прашања: едното е политичката процедура на проширувањето, во која нема апсолутни гаранции, а другото е ставот на ЕУ дека јазикот и идентитетот не се предмет на преговори.

Европската практика не познава „членство со гаранција“

Ако се споредат примерите на Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија и Романија, се добива јасна слика за начинот на кој функционира европското проширување.

Ниту една држава не добила гаранција дека никогаш нема да има нов спор. Ниту една не добила правно обврзувачко ветување дека сите идни политички проблеми однапред се затворени. Наместо тоа, сите влегувале во процес што се темели на доверба, исполнување на критериумите и постојан политички дијалог.

Оттука, денешната македонска дебата не е само расправа за уставните измени. Таа е и судир меѓу две логики. Едната е логиката на европската практика, која четири децении функционира без апсолутни гаранции. Другата е обидот да се воспостави преседан што би значел промена на самите правила на проширувањето.

Досегашното искуство покажува дека Европската Унија е подготвена да помогне во надминување на споровите, да посредува, да охрабрува и да создава политички механизми. Но, не и да даде гаранција што никому досега не му ја дала. Во тој контекст, прашање е дали барањето за гаранции е вистинскиот пат до таа сигурност или ризикува да ја оддалечи земјата од моментумот кога проширувањето повторно стана еден од врвните приоритети на Европската Унија.

Бонус поуки

Дебатата во Македонија речиси целосно се сведе на прашањето дали Европската Унија треба да даде гаранции. Во меѓувреме, речиси и да не се зборува што државата пропушта секоја година додека преговорите стојат во место.

Додека Македонија дебатира за гаранции што никој никогаш не ги добил, земјите што веќе станаа членки добиваат десетици милијарди евра за автопати, железници, болници, училишта, пречистителни станици, дигитализација, иновации, земјоделство и развој на локалните заедници.

Парадоксот е очигледен: најголемата цена од застојот не ја плаќаат Брисел или Софија. Ја плаќаат македонските граѓани, кои остануваат без пристап до средства што во други земји ја менуваат инфраструктурата, економијата и квалитетот на животот.

Историјата на европското проширување покажува дека ниту една држава не добила гаранции дека никогаш повеќе нема да се соочи со политички спор. Но, сите држави што избрале да продолжат по европскиот пат добиле нешто многу поконкретно – десетици милијарди евра инвестиции, побрз економски развој и повисок животен стандард.

Најчитано