Кризната состојба заврши, но не и загриженоста: ќе пијат ли гостиварчани вода од чешма?

вода

Водата во Гостивар официјално повторно е чиста и безбедна за пиење, кризната состојба заврши, а државните институции се повлекуваат. Но, по еден месец загадување, забрани и илјадници граѓани кои побараа лекарска помош, многу потешко од отворањето на чешмата ќе биде враќањето на довербата.

Последователните лабораториски анализи покажаа дека водата е микробиолошки и бактериолошки исправна. Примероци биле земени од седум мерни места, а Агенцијата за храна и ветеринарство на 14 август ја укина забраната за пиење.

Сепак, уште тогаш дел од гостиварчани порачаа дека ќе продолжат да користат пакувана вода. По кризата во која околу 5.000 жители побараа лекарска помош со симптоми поврзани со загадената вода, довербата тешко се враќа само со еден добар лабораториски резултат.

Кризата имаше и висока цена. Според директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, Владата потрошила речиси шест милиони денари за питка вода за гостиварчани. Секој ден пристигнувале најмалку два шлепера, односно меѓу 50 и 70 тони вода.

Од вчера веќе не важи ниту триесетдневната кризна состојба. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов соопшти дека со нејзиното завршување од контролата се повлекуваат институциите од централната власт, вклучително и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Одговорноста повторно е кај локалните институции.

Токму тука започнува новиот тест за Гостивар. Не само дали водата денес е исправна, туку кој и колку често ќе ја контролира утре, дали резултатите редовно ќе бидат јавно објавувани и што е направено за да не се повтори кризата која со недели ги остави граѓаните без доверба во најосновната услуга – водата од сопствената чешма.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?