„Македонија“ ќе ја блокира Македонија на граничните прмини

„Македонија“
Фотографија: Од Edal Anton Lefterov — сопствено дело, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=29257352

Бугарската фондација „Македонија“ најави дека в недела ќе организира двочасовна блокада на сите гранични премини меѓу Бугарија и Северна Македонија, јавуваат бугарските медиуми. Според најавите, протестот ќе се одржи на граничните премини кај Деве Баир, Делчево и Ново Село.

Од организацијата соопштиле дека блокадата е реакција на неодамнешниот инцидент во Скопје, кога беа запалени две возила на бугарската амбасада, за што македонската полиција веќе приведе осомничено лице.

Според бугарските медиуми, протестот е координиран со надлежните институции во Бугарија и за него е добиена дозвола од бугарското Министерство за внатрешни работи. Блокадата треба да трае два часа.

Најавата доаѓа во период на повторно зголемени тензии во односите меѓу Скопје и Софија, по инцидентот пред бугарската амбасада и реакциите што следуваа од двете страни. Македонските институции засега немаат официјална реакција на најавената блокада.

Фондацијата „Македонија“, предводена од Виктор Стојанов, и претходно организираше активности поврзани со македонско-бугарските односи и често настапува со ставови кои предизвикуваат реакции во македонската јавност.

Доколку блокадата биде реализирана, таа би можела привремено да го отежне патничкиот и товарниот сообраќај меѓу двете земји во текот на неделата.

Најчитано