Македонија меѓу деветте држави против поддршка за агенцијата на ОН за палестинските бегалци

Македонија гласаше против резолуцијата за поддршка на работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA), усвоена на 18 ноември во Четвртиот комитет на Генералното собрание на ОН.

Резолуцијата доби поддршка од 143 држави, девет гласаа против, а 20 беа воздржани. Покрај Северна Македонија, против гласаа САД, Израел, Аргентина, Фиџи, Микронезија, Палау, Парагвај и Тонга.

Со тоа, Македонија се најде во малата група држави кои не ја поддржаа резолуцијата со која се потврдува значењето на мандатот и работата на UNRWA, агенцијата која обезбедува хуманитарна помош и основни услуги за палестинските бегалци.

Резолуцијата ја нагласува централната улога на агенцијата во хуманитарниот одговор и обезбедувањето образование, здравствена заштита и други основни услуги за палестинските бегалци. Во документот се повикува и Израел да ги почитува привилегиите и имунитетите на агенцијата и се осудуваат нападите врз нејзиниот персонал и објекти.

UNRWA е основана во 1949 година со одлука на Генералното собрание на ОН. Нејзината работа опфаќа палестински бегалци во Појасот Газа, Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија. Агенцијата обезбедува образование, здравствени и социјални услуги, како и итна хуманитарна помош.

Гласањето се одржа во Четвртиот комитет на Генералното собрание, надлежен за специјални политички и деколонизациски прашања. Усвоениот предлог сега треба да биде разгледан и на пленарна седница на Генералното собрание во декември.

Во пресрет на гласањето, Европската Унија јавно ја потврди својата поддршка за мандатот на UNRWA, нагласувајќи дека милиони палестински бегалци зависат од нејзините услуги и дека агенцијата мора да може да работи независно и без попречување. Сепак, дел од европските држави се воздржаа при гласањето.

Досега не е објавено официјално образложение од македонските институции за причините поради кои земјата гласала против резолуцијата.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?