Дванаесетгодишниот Македон Димитровски е примен во програмата за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, откако на тестирањето постигнал резултати со кои се стекнал и со признанието „Grand Honors / SET“.
Успехот е уште повпечатлив ако се земе предвид дека Македон уште на 11-годишна возраст постигнал 1.440 поени на SAT тестот – 740 по математика и 700 по читање и пишување. Зад себе има и повеќе од 20 златни медали од меѓународни математички натпревари.
Центарот за талентирани млади на „Џонс Хопкинс“ – CTY користи тестови над нивото предвидено за возраста на ученикот за да идентификува деца со исклучително развиени способности. Највисоката категорија „Grand Honors / SET“ се доделува за резултати значително над стандардите за соодветната возраст и одделение.
Програмата не го оценува само знаењето стекнато во училиште, туку и вербалното и математичкото расудување и способноста ученикот да работи со материјал кој е значително над неговото редовно образовно ниво.
Како што објави неговиот татко Владимир Димитровски, зад досегашните резултати стои големата љубов на Македон кон знаењето и континуираната работа.
Со приемот во CTY, 12-годишниот Македон добива пристап до образовни програми наменети за ученици чии способности се неколку нивоа над нивната генерација.

