„Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка“ – протест во Неготино

„Ние не сме статисти! Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка. Погледнете во нас и разберете го родителот кој е клекнат на колена. Погледнете во нас и видете го маршот на вознемирените луѓе кои знаат дека нивниот страв е почеток на храброста да се борат против смртоносните траги на асфалтот“

Ова е една од пораките што денеска одекнаа од протестот во Неготино, организиран во чест на Фросина Кулакова, 22-годишната девојка која трагично го загуби животот на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Нејзината сестра, Росица Кулакова, пред присутните изјави: „Доколку судијката му го продолжила притворот сè до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само ќе беше спроведен во затвор – мојата сестра Фросина денес ќе беше жива.“

Недева, другарка на Фросина, истакна: „Ова мора да престане! Изнајдете начин вие што ја имате моќта на одлучување во свои раце – во законските рамки, во воспитната превенција, во правичното и неселективно судство.“

На протестот учествуваа и роднини и пријатели на жртви од други сообраќајни несреќи.

„Секој чекор од овој протестен марш е поддршка на семејствата што изгубиле дел од својата душа и што мора да продолжат да чекорат со товарот на загубата. Од моментот кога една човечка судбина добила име, општеството станува должник на семејството. А нему единствена утеха може да му биде, правда за неговото дете,“ нагласи Недева.

Фросина беше прегазена на пешачки премин на 29 јануари. Според обвинителството, возачот Васил Јованов бил под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено светло. На него му беше одреден притвор од 30 дена.

Присутните носеа транспаренти со пораки за правда, повикувајќи институциите да престанат да ги штитат виновниците.

„Судиите треба да бидат пример за правда, а не симбол на корупција“, порача еден од демонстрантите. Со ова, протестот стана не само повик за правда за Фросина, туку и за сите жртви на неправдата во правниот систем во Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен