Вицепремиерот Александар Николоски денеска се обрати кон Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ „најпрогресивни дами во Македонија“. На политичката академија во Охрид зборуваше за женско лидерство и за одговори на „суштинските животни прашања“. Во Собранието, измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, поднесени од група пратенички на 26 август, три месеци чекаат да дојдат на дневен ред.
Една од предлагачките, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, рече дека по реакциите во јавноста треба да се усогласат формулациите во предлогот. Меѓу оние што јавно се спротивставија на измените е „Родителски фронт“. Здружението ги оспори, меѓу другото, полициското отстранување на сторителот од домот во случај на сериозна и непосредна опасност и привременото ограничување на контактот со родителот што врши насилство.
Гаши чека мислење, Деловникот предвидува расправа и без него
„Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура“, рече во четвртокот претседателот на Собранието Африм Гаши. Тој кажа дека предлогот ѝ е испратен на Владата, без да наведе кога. Член 145 од собранискиот Деловник предвидува предлогот да ѝ се достави на Владата за мислење кога таа не е предлагач. Истиот член предвидува Собранието и работните тела да го разгледаат предлогот и ако Владата не достави мислење. Во подготовката на измените веќе учествувале две министерства.
Гаши го посочува владиното мислење, а Стојаноска зборува за усогласување на текстот по јавните реакции. По три месеци, јавноста сè уште нема датум за расправа, ниту одговор кои од предложените мерки за заштита би се менувале по забелешките.
Во работната група била вклучена и пратеничката Жаклина Пешевска, поранешна претседателка на унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ.

