Од сакаме референдум, до „не сме сами“ – пресврт во политиката на Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски во 2022 година бараше граѓаните на референдум да се изјаснат за напуштање на Договорот со Бугарија, кој го нарекуваше „извор на сите проблеми“. Четири години подоцна, како премиер, вели дека повлекување од меѓународните договори нема и дека Македонија треба да преговара со Софија со Европската Унија на маса.

Тоа е значајна промена токму на темата на која Мицкоски најдолго одржуваше тврда и релативно конзистентна позиција.

Во интервју за МИА од Вашингтон тој оцени дека очекувањата на „некои радикални елементи во нашата структура“ за повлекување од меѓународни договори и преговори би биле можни само доколку Македонија е сама во светот. Наместо тоа, сега предлага продолжување на разговорите со Бугарија, со присуство на претставник на ЕУ.

Проблемот за ВМРО-ДПМНЕ не е дали некој во партијата ќе се препознае во квалификацијата „радикален“. Политички многу поважно е што идејата за повлекување од договорот со Бугарија во 2022 година воопшто не беше маргинален став на неколку партиски членови.

Тоа беше официјална политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата поднесе иницијатива за референдум со кој требаше да престане да важи Законот за ратификација на Договорот за пријателство со Бугарија. Мицкоски тогаш објаснуваше дека намерата е „народот да може да се произнесе дали е за напуштање или за останување во тој договор“ и дека излезот е Македонија да го напушти договорот, па повторно да седне на маса и да преговара нов.

Иницијативата беше директен политички одговор на таканаречениот француски предлог. Мицкоски тогаш објаснуваше дека ВМРО-ДПМНЕ не го напаѓа директно преговарачкиот пакет затоа што тој е во надлежност на Владата, туку Договорот со Бугарија како негов „корен“. Во истиот период го нарекуваше францускиот предлог неприфатлив и бараше референдум за политиката што произлегува од него.

Оттаму, не би било прецизно да се каже дека Мицкоски денес целосно го прифатил францускиот предлог. Тој и натаму одбива уставни измени под сегашните услови и бара гаранции од ЕУ, а претходно предлагаше тие да имаат одложено дејство.

Но се менува нешто друго – повеќе не се зборува за напуштање на основата врз која е поставен процесот. Од „да излеземе од договорот и да преговараме нов“ политиката стигна до „од договорите нема повлекување, ќе преговараме со ЕУ на маса“.

Тоа не е првата крупна тема на која позицијата на Мицкоски се приспособи по доаѓањето на власт.

Преспанскиот договор беше една од основните точки на конфронтација на ВМРО-ДПМНЕ со претходната власт. Во 2018 година Мицкоски велеше дека партијата не може да прифати промена на Уставот и уставното име, а по референдумот тврдеше дека процесот за спроведување на договорот практично завршил. Како премиер, неговата позиција е дека Преспанскиот договор е дел од уставно-правниот поредок и дека Владата мора да ги почитува Уставот и законите.

Сличен е контрастот кај „Бехтел и Енка“. Како опозициски лидер во 2023 година Мицкоски го нарекуваше договорот „скандалозен по стотина основи“ и зборуваше за дилеми за „историски криминал“. Неговата влада не го раскина договорот. Напротив, продолжи да го реализира, а Мицкоски денес го истакнува напредокот на коридорите и вели дека проектите се движат во добра насока.

Кај Иловица пресвртот е поширок партиски. Концесиите беа доделувани во периодот на влада на ВМРО-ДПМНЕ, а рудникот беше промовиран и во изборната кампања во 2016 година. Во 2023 година Мицкоски веќе го опишуваше проектот како бизнис-зделка на тогашната власт и тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад интересите на жителите кои се против рудникот.

И моделот за „Чебрен“ се движеше низ различни варијанти. Мицкоски како опозициски лидер велеше дека неговата лична стратегија е проектот да го гради државата. Како премиер, „Чебрен“ беше презентиран и пред странски инвеститори, вклучително во Давос, за во јуни годинава повторно да се врати идејата државата преку ЕСМ сама да го финансира и реализира проектот.

Но бугарското прашање досега беше поинакво. И во опозиција и во првите години од власта Мицкоски остануваше на ставот дека уставните измени не можат да поминат под условите произлезени од францускиот предлог и дека Македонија мора да добие поинаква рамка или гаранции.

Затоа последната изјава е политички поважна од квалификацијата за „радикалните елементи“.

Прашањето не е дали ВМРО-ДПМНЕ треба да се откаже од радикални идеи. Прашањето е кога политиката што денес Мицкоски ја опишува како очекување на радикални елементи престана да биде официјалната политика со која самиот тој бараше референдум.

Во 2022 година пораката беше – да го напуштиме Договорот со Бугарија и да почнеме одново.

Во 2026 година пораката е – договорите остануваат, а решението ќе се бара со преговори.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?