Охридското Езеро добива 1,6 милиони нови пастрмки

Охридското Езеро годинава ќе биде порибено со околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, што е за приближно 500.000 повеќе во споредба со минатата година. Планот го најави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид.

При посетата, Хоџа заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство се запознал со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и со подготовките за претстојното порибување.

„Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност“, изјави Хоџа.

Охридската пастрмка е автохтон и ендемичен вид, а нејзиното вештачко размножување и порибувањето се дел од мерките за зачувување на популацијата во езерото.

Од Министерството за земјоделство најавуваат дека ќе продолжи институционалната поддршка за нејзина заштита, размножување и одржување како едно од најзначајните природни богатства на Охридското Езеро.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?