Пелистер вечерва повторно е под сериозна закана од пожарот кој веќе втор ден гори од преспанската страна на планината. Иако во текот на ноќта и утрово огнот беше локализиран, активни жаришта останаа на повеќе позиции, а силниот ветер создава услови пламените јазици повторно да се разгорат и да продолжат кон внатрешноста на Националниот парк.
Состојбата во текот на денот веќе покажа колку пожарот е нестабилен. По ноќната интервенција беше воспоставена контрола врз дел од огнената линија, но со затоплувањето повторно се појавиле чад и активни точки на повеќе места. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов го оцени пожарот на Пелистер како најтежок и најкомплексен за гаснење во Македонија во моментов.
Опасноста од повторно ширење беше нагласена и од Националниот парк „Пелистер“. Иако утрово пожарот беше локализиран, од паркот предупредија дека состојбата во голема мера ќе зависи од временските услови, особено од ветерот. Пожарот уште при избувнувањето во саботата, токму поради силниот ветер, многу брзо се прошири од ресенска страна кон пониските делови на Националниот парк.
Во текот на денот од воздух интервенираше и армиски хеликоптер Ми-8МТ, кој за околу три часа исфрлил 14 противпожарни ведра со вкупно 28 тони вода врз активните жаришта. Во гаснењето се вклучени и „ер тракторите“ на ДЗС, пожарникари од Битола и Ресен, екипи на Националниот парк, доброволни пожарникари и тешка механизација.
Со булдожери е направена и противпожарна пресека над боровите насади, со цел да се спречи огнот да навлезе подлабоко во шумата. Токму при работата со механизацијата е повреден возач на булдожер. Тој при скок од машината ги повредил ребрата и бил пренесен во болница. Според Ангелов, најверојатно станува збор за напукнати, а не скршени ребра и неговата состојба е добра.
Ангелов истовремено ги демантираше информациите дека во пожарот се повредени двајца пожарникари. Според него, ниту еден пожарникар досега не е повреден или хоспитализиран поради вдишување чад.
Пожарот започна во саботата во реонот на Макази, од преспанската страна на Пелистер, а потоа навлезе во границите на Националниот парк. Надлежните имаат сомневање дека бил намерно предизвикан, бидејќи првично биле забележани најмалку две одделни жаришта, а додека екипите ги гаснеле се појавила нова, подолга огнена линија на друга локација.
Затоа вечерва најголемиот проблем повеќе не е само гаснењето на веќе видливиот пламен, туку спречувањето на повторно активирање на жариштата. По зајдисонце воздушната интервенција е ограничена, а копнените екипи повторно остануваат главната линија на одбрана на Пелистер.
Сè додека има активни жаришта и ветер, опасноста пожарот повторно да излезе од воспоставените линии на контрола останува висока.

