Пет пожари активни низ Македонија, гори кај Студеничани, Илинден, Желино, Битола и Македонски Брод

Пет пожари на отворено се активни низ Македонија до 13 часот денеска, три се ставени под контрола, а еден е изгаснат, соопшти Центарот за управување со кризи. Вкупно во текот на денот се регистрирани девет пожари.

Во Македонски Брод активен е пожарот кај местото Видуш, во близина на селото Драгов Дол, каде огнот зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

И натаму гори и над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во Општина Студеничани, каде е зафатена мешана шума. Пожарот на овој потег се гасне на тежок и непристапен терен.

Активни пожари има и во населбата Илинден, каде гори ниска вегетација, кај селото Чифлик во Општина Желино, каде огнот зафатил ниска вегетација и мешана шума, како и кај битолското село Букри.

Под контрола се пожарите кај градската депонија во Делчево, кај Ново Село на планината Огражден и кај кичевското село Зајас. На овие локации биле зафатени стрништа, борова шума и гуми.

Изгаснат е пожарот кај селото Врањовце во Општина Врапчиште, каде горела ниска вегетација.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?