Прераспределба на моќта: Кој доби, а кој загуби со реконструкцијата на Мицкоски

моќта

Ова не е реконструкција што треба да се чита низ имињата на министрите, туку низ прашањето кој ја доби контролата врз најважните институционални центри на моќ во државата, со најмногу пари и со контрола врз ресори со најчувствителни јавни политики.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Реконструкцијата на Владата што ја промовираше премиерот Христијан Мицкоски на прв поглед изгледа како вообичаена коалициска ротација. Неколку министри си заминуваат, други доаѓаат, а ресорите се прераспределуваат меѓу партнерите. Но зад кадровските промени се крие многу поважна политичка приказна. Ова не е реконструкција што треба да се чита низ имињата на министрите, туку низ прашањето кој ја доби контролата врз најважните институционални центри на моќ во државата.

Во секоја коалициска влада ресорите никогаш не се распределуваат случајно. Министерствата не се само административни единици, туку политички инструменти преку кои се креираат политики, се распределуваат јавни средства, се градат односи со гласачите и се демонстрира влијание. Токму затоа најинтересното прашање не е кој е нов министер, туку зошто токму тоа министерство му припадна на одреден партнер.

ВМРО-ДПМНЕ ја зацврсти доминацијата без да го зголеми бројот на ресори

Најголемиот победник од реконструкцијата е несомнено ВМРО-ДПМНЕ. Не затоа што освои повеќе министерства отколку досега, туку затоа што уште повеќе ја концентрираше контролата врз ресорите што носат најголема политичка тежина.

ВМРО-ДПМНЕ се концентрираше на ресорите со најголеми буџети, но и со највлијателни јавни политики.

Партијата веќе ги контролира финансии, внатрешни работи, надворешна политика, транспорт, образование и енергетика. Со преземањето и на здравството, практично ја презема одговорноста за уште еден систем што секојдневно ги засега граѓаните и располага со еден од најголемите државни буџети.

Здравството е министерство во кое секој успех носи политички поени, а секој неуспех директно се наплатува кај Владата и кај премиерот. Токму затоа не е изненадување што Мицкоски сакал овој ресор да биде во рацете на сопствен кадар. Тоа не е само прашање на доверба, туку и на политичка контрола врз сектор што ќе биде меѓу највидливите до крајот на мандатот.

Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ не покажа исто ниво на интерес за Министерството за правда. На прв поглед тоа изгледа нелогично, бидејќи токму правосудството беше една од главните теми во изборната кампања. Но можеби токму во тоа се крие политичката пресметка.

Министерството за правда има голема симболична тежина, но вистинските процеси зависат од судовите, обвинителството и законодавната постапка. Можно е проценката да била дека Владата може да го задржи политичкото влијание врз реформите и без директно да го раководи ресорот, додека здравството не трпи таков луксуз.

Сепак ресорот правда има и една друга димензија. Следуваат две години, во нормален меѓуизборен процес, кога не е така едноставен одговорот зошто Мицкоски се откажа од тоа да го ВМРО-ДПМНЕ да го преземе Министерството за правда: Изборни реформи и процеси, уставните прашања се на масата, европските реформи и евентуално судските реформи.

Така што, тоа не е ресор што лесно му се пропушта на коалициски партнер.

ВЛЕН не доби повеќе министерства, туку повлијателни

Најинтересната добивка на ВЛЕН не е бројот на министерства, туку нивната природа.

Со преземањето на Министерството за правда и Министерството за култура и туризам, коалицијата добива институции преку кои може да влијае врз прашања што одамна се дел од политичката агенда на албанскиот политички блок.

Ова се ресори со силна идентитетска и институционална тежина, иако не се најголеми буџетски ресори

Особено Министерството за правда отвора простор за поактивно промовирање на политики поврзани со Законот за употреба на јазиците, правосудните реформи, подготовката на законите и иницијативите што веќе подолго време се слушаат во јавноста, како што е барањето правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.

Тоа не значи дека сите овие идеи автоматски ќе станат владина политика. Но значи дека ВЛЕН сега располага со институционална позиција од која многу полесно може да ги иницира и да ги брани.

Оттука, за ВЛЕН ова не е само кадровска победа. Ова е добивање политичка платформа од која може да испорача резултати кон сопственото гласачко тело.

ЗНАМ ја изгуби политичката тежина на правдата, но доби теренска инфраструктура

Најделикатната позиција во реконструкцијата ја има ЗНАМ.

Формално, партијата останува дел од владејачката коалиција. Но политички гледано, ја губи контролата врз Министерството за правда и добива Министерство за земјоделство.

На прв поглед тоа изгледа како чекор назад. Прашањето е дали ова е намалување на политичката тежина на ЗНАМ, иако партијата формално останува коалициски партнер.

Министерството за правда е еден од најекспонираните ресори во секоја влада, особено во држава што е под постојан мониторинг на Европската Унија во областа на владеењето на правото.

Но политиката ретко е еднодимензионална.

Министерството за земјоделство располага со значајни финансиски инструменти, огромен систем на субвенции и непосредна комуникација со една од најорганизираните групи гласачи во државата. Во пресрет на локалните избори, тоа може да биде ресурс што не треба да се потцени.

Сепак, впечатокот останува дека ЗНАМ се откажа од ресор што носеше политичко влијание, во замена за ресор што носи теренска политичка инфраструктура.

Дали Љутков беше жртва на политичката математика?

Заминувањето на министерот за култура Зоран Љутков отвора уште едно интересно прашање.

Во изминатиот период неговиот мандат беше обележан со повеќе контроверзии, несогласувања со културната јавност и критики околу кадровските решенија и распределбата на средствата.

Но тоа не мора да биде единствената причина за неговото заминување.

Министерството за култура беше еден од ресорите што ВЛЕН најмногу го посакуваше во рамките на новата распределба. Во такви околности, можно е политичката судбина на министерот да била запечатена уште во моментот кога коалициските партнери почнале да ги делат ресорите.

Со други зборови, не е исклучено кризите што го следеа Љутков само да му ја олесниле на премиерот одлуката да се раздели со него без да му е гајле дали министерот е колатерална жртва на коалициското пазарење.

Повеќе од реконструкција

Затоа оваа реконструкција не треба да се чита како обична промена на министри.

Таа покажува како Мицкоски ја редефинира рамнотежата во владината коалиција. ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја зацврстува контролата врз ресорите што носат најголема политичка и буџетска тежина. ВЛЕН добива институции преку кои може да ги артикулира своите клучни политички приоритети. ЗНАМ останува во Владата, но со значително поинаква улога отколку досега.

Оттаму, најважната порака од оваа реконструкција не е кој седнал во која фотелја.

Најважната порака е кој ги доби центрите на политичката моќ, кој ќе ги носи најризичните одлуки и кој ќе има најсилна институционална позиција во пресрет на локалните избори и втората половина од мандатот на Владата. Токму во таа нова распределба на моќта се крие вистинската смисла на реконструкцијата.

Најчитано