Рубио стигна до Атина, но не и до Скопје

Рубио

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска е во Атина, каде што ќе го предводи шестиот Стратешки дијалог меѓу САД и Грција. Неговата европска турнеја ги опфаќа Рејкјавик, Атина и Лисабон, но не и Скопје, иако македонската Влада во изминатиот период често го истакнува стратешкото партнерство и блиските односи со Вашингтон.

Рубио во Атина ќе разговара за одбраната, енергетската и регионалната безбедност и економската соработка. Со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис ќе го отвори шестиот круг од Стратешкиот дијалог САД–Грција. Неговата турнеја од 5 до 8 октомври започна во Исланд, а по Грција продолжува во Португалија.

Македонија има формализирано стратешко партнерство со Вашингтон, а Стратешкиот дијалог меѓу двете земји беше започнат во 2022 година. Но, во последните децении односите со САД не се одвиваа само преку средби на маргините на меѓународни собири. Скопје беше редовна станица за високи претставници на американската дипломатија.

Особено интензивен беше периодот околу Преспанскиот договор и македонското членство во НАТО. Во септември 2018 година во Скопје пристигна Вес Мичел, тогашен помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања. Тој се сретна со тогашниот премиер Зоран Заев и други високи функционери, а Стејт департментот експлицитно наведе дека една од темите била американската поддршка за Преспанскиот договор и претстојниот референдум.

Во истиот период во Македонија доаѓаа и Метју Палмер, тогаш заменик-помошник државен секретар задолжен за Западен Балкан, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и заменик-државниот секретар Џон Саливан. Палмер подоцна беше назначен и за специјален претставник на државниот секретар за Западен Балкан. Американската дипломатија во тие години имаше видливо и непосредно присуство во Скопје.

Во октомври 2019 година во Македонија пристигна и тогашниот државен секретар Мајк Помпео. Тој беше првиот американски државен секретар што ја посетил земјата по Колин Пауел во 2001 година и самиот оцени дека таквата посета била одамна потребна. Помпео тогаш нагласи и дека едно е да се зборува за важноста на земјата и регионот за САД, а друго тоа да се покаже и со физичко присуство.

Високите американски посети продолжија и потоа. Во Скопје доаѓаа Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во Македонија и подоцна вршител на должноста помошник државен секретар, како и Габриел Ескобар, кој од 2021 до 2024 година беше заменик-помошник државен секретар задолжен за Западен Балкан.

Во земјата престојуваше и Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, функција што ја презеде во октомври 2023 година. О’Брајан е и долгогодишен познавач на регионот, кој претходно работел како американски претседателски пратеник за Балканот.

Последниот американски државен секретар што дојде во Скопје беше Ентони Блинкен во ноември 2023 година, за Министерскиот совет на ОБСЕ. За време на престојот тој имаше средби и со тогашниот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Денес динамиката изгледа поинаку. Рубио е во непосредното соседство и од Атина разговара за безбедноста, енергетиката и регионалната соработка, но Скопје не е на неговата агенда. Ниту во официјално објавената маршрута на Стејт департментот е наведена посета на Македонија.

Тоа само по себе не значи дека Вашингтон го намалува значењето на стратешкото партнерство со Македонија. Нема ниту официјално американско објаснување зошто Скопје не е вклучено во оваа турнеја, па од тоа не може да се извлече заклучок дека станува збор за политичка порака.

Но, контрастот со претходните години е видлив. Во период кога македонската Влада често ја нагласува блискоста со американската администрација и стратешкото партнерство со САД, високите американски посети што некогаш беа редовна слика во Скопје засега ги нема. А Рубио, иако денес е само неколку стотини километри од Македонија, од Атина ќе замине за Лисабон.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?