СДСМ: Ако сега се бараат експерти за Гостивар, зошто институциите не биле консултирани од првиот ден?

СДСМ

Опозициската СДСМ реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека за состојбите во Гостивар Владата се консултира со експерти, оценувајќи дека таквите консултации требало да започнат уште на почетокот на кризата.

„После толку дена пинг-понг, префрлање одговорност и признанија од министерот за здравство – сега одеднаш се потребни експерти? Во нормална држава експертите и институциите што ги има државата би биле прашани од првиот ден“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата ја критикуваат, како што велат, улогата што ја презеле највисоките владини функционери во справувањето со кризата, наместо надлежните стручни институции.

Во соопштението се упатуваат критики и кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и кон директорот на Бирото за јавна безбедност Орце Андоновски, при што СДСМ оценува дека тие не требало да се занимаваат со прашања поврзани со квалитетот на водата.

„Мицкоски да не објаснува и да глуми експерт за вода. Орце со дрон да не ја испитува водата од воздух. Тошковски, кој наместо да си ја работи својата работа, да не се занимава со хиперхлорирање на водата во Гостивар“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Опозициската партија тврди дека изјавата на премиерот отвора сомнеж дали станува збор за „ново признание или барање ново алиби“ и прашува кој ќе понесе одговорност за, како што наведуваат, труењето на граѓаните.

Претходно премиерот Мицкоски изјави дека Владата се консултира со експерти за состојбите во Гостивар.

Најчитано