СДСМ: Борко Ристовски и ребалансот ја преполовија поддршката за спортот, за две години се изгубени речиси половина од средствата

СДСМ

СДСМ обвини дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот за спорт Борко Ристовски системски го запоставуваат македонскиот спорт, оценувајќи дека со последниот ребаланс на Буџетот дополнително е намалена финансиската поддршка за спортските субјекти.

На прес-конференција, Панче Милевски-Панта од СДСМ изјави дека во ребалансот не се предвидени дополнителни средства за субвенции за спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти, поради што директната поддршка останува на 5,4 милиони евра.

Според него, во 2024 година за оваа намена биле обезбедени 10 милиони евра, во 2025 година сумата била намалена на 6,7 милиони евра, а годинава е сведена на 5,4 милиони евра.

„За само две години спортот изгуби речиси половина од директната финансиска поддршка“, рече Милевски, оценувајќи дека станува збор за континуирана негрижа кон секторот.

Од СДСМ тврдат дека наместо системска поддршка за спортистите, младинските категории и спортските клубови, Министерството за спорт е насочено кон градежни проекти.

Како пример ја посочија спортската сала „Расадник“, која беше свечено пуштена во употреба на 11 јуни годинава. Според партијата, иако за реконструкцијата биле потрошени околу 1,9 милиони евра, само еден месец по отворањето во салата повторно се изведувале работи на веќе реновираниот паркет.

СДСМ побара одговор дали објектот имал технички прием пред свеченото отворање и дали премиерот бил информиран дека по краток период ќе бидат потребни дополнителни интервенции.

Опозициската партија оцени и дека недостига стратегија за развој на младите спортисти и за поддршка на спортовите кои, како што наведоа, со години се борат за опстанок.

Од СДСМ порачаа дека македонските спортисти заслужуваат поголема институционална поддршка и инвестиции во нивниот развој, наместо, како што тврдат, кратење на средствата за спорт.

Најчитано