Опозициската СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека „повторно лаже“, овојпат во врска со предложените измени на Изборниот законик, тврдејќи дека нивната вистинска цел не е унапредување на изборниот процес, туку, како што велат, „изборен грабеж“ преку злоупотреба на гласовите од дијаспората.
Од партијата реагираат дека, откако била укината техничката влада, власта се обидела да протне нов Изборен законик, а сега, според нив, Мицкоски неосновано тврди дека СДСМ се противи на гласањето на иселениците.
„Дијаспората гласа и сега, според постојниот модел, а измените што се предлагаат се однесуваат за изборите во 2029 година“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, предложеното електронско гласање од странство би овозможило злоупотреба на околу 200.000 гласа, бидејќи, како што тврдат, нема да постојат истите механизми за идентификација и контрола како при гласањето во земјата, каде што избирачите се идентификуваат со личен документ, потпис во Избирачкиот список и отпечаток од прст.
Во соопштението СДСМ го обвинува Мицкоски и за, како што наведува, неточни изјави дека не се заканувал на политички неистомисленици, посочувајќи дека јавноста можела да слушне закани од собраниската говорница. Дополнително, од партијата тврдат дека премиерот редовно користи навредливи квалификации кон граѓаните и политичките противници.
СДСМ наведува дека Мицкоски, според нив, во повеќе наврати давал контрадикторни или неточни изјави, повикувајќи се на неговите ставови за напуштање на политиката, како и на претходни позиции поврзани со Преспанскиот договор, преговарачката рамка со Европската Унија, македонскиот идентитет и јазик, како и економските политики.
„Народот знае, кој лаже тој и краде“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека „Фронтот за вистина и правда“ ќе работи на враќање на власта „во рацете на граѓаните“, по што, според нив, ќе следува одговорност пред независното судство и законите.
