СДСМ: Пари за авион има, за живот нема – тоа е целата програма на Владата

СДСМ

Опозицискиот СДСМ реагира на најавата за набавка на нов владин авион, обвинувајќи ја Владата дека луксузот го става пред потребите на граѓаните.

Од партијата велат дека идејата за набавка на нов владин авион не е откажана, туку само одложена, додека средствата за таа намена остануваат предвидени.

„Третата економија во Европа нема за плата, има за авион“, обвинува СДСМ, повикувајќи се на изјавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, дека на Македонија ѝ е потребен владин авион доколку сака да биде „сериозна држава“.

Според опозицијата, набавката се оправдува со потребата од поголема ефикасност при патувањата на државните функционери, особено поради обврските поврзани со ЕУ и привлекувањето странски инвестиции.

СДСМ, сепак, смета дека во услови на економски притисоци врз граѓаните, приоритетите на Владата треба да бидат поинакви.

Од партијата потсетуваат на нискиот животен стандард, минималната плата, растот на трошоците за живот и цените на горивата, но и на проблемите во здравството и случувањата со водата за пиење во Гостивар.

„Минималната плата нека почека. Потрошувачката кошница нека почека. Дизелот од 100 денари нека почека. Земјоделецот со срамни 40 денари за пиперка нека почека. Анализите за водата во Гостивар нека почекаат. ПЕТ-скенерот нека почекаат. Авионот не може да чека“, наведуваат од СДСМ.

Опозицијата во реакцијата го поврзува планот за набавка на авион и со неодамнешната тема околу патувањето на премиерот Христијан Мицкоски, при што го критикува изборот на приоритети и трошоците поврзани со владините патувања.

СДСМ тврди и дека оправдувањето со странските инвеститори не соодветствува со состојбата со инвестициите, за кои од партијата велат дека се намалени за повеќе од 60 отсто.

„Сериозна држава прво ја објавува водата и ја обезбедува за сите граѓани, ја плаќа минималната плата од 600 евра, го поправа ПЕТ-скенерот и не слави додека 5.000 луѓе биле во болница“, велат од СДСМ.

Од опозициската партија заклучуваат дека Владата, наместо во подобрување на стандардот и јавните услуги, приоритет дава на набавка на нов авион.

„Пари за авион има. За живот нема. Тоа е целата програма“, наведува СДСМ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?