СДСМ: По епидемијата во Гостивар, институциите признаваат ризик од хепатит, мора да има кривична одговорност

СДСМ

Опозициската СДСМ оцени дека институциите со задоцнување признале дека по епидемијата предизвикана од загадената вода во Гостивар постои ризик од појава на хепатит А и Е, како и од други заразни заболувања, и побара кривична одговорност за, како што наведува, пропустите во справувањето со кризата.

„По епидемијата предизвикана од загадената вода во Гостивар, власта сега официјално признава дека постои ризик од хепатит А и Е, како и од други заразни заболувања. Ова е токму она за што проф. д-р Венко Филипче предупреди уште минатата недела“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Од партијата тврдат дека институциите не реагирале навреме и дека ја криеле информацијата од јавноста додека, како што наведуваат, граѓаните консумирале загадена вода.

СДСМ наведува дека јавноста сè уште не добила официјален и потпишан извештај со анализите за таканаречената „техничка вода“ во Гостивар и бара да бидат објавени информациите за институцијата што ги изработила анализите, лицето што го потпишало извештајот и параметрите врз основа на кои е оценето дека водата е безбедна за употреба.

Опозициската партија повика итно да се спроведат анализи на водата за пиење во сите населени места во државата, а резултатите целосно и без одложување да ѝ бидат ставени на увид на јавноста.

Во соопштението, СДСМ бара и кривична одговорност за случајот, наведувајќи дека, според нив, треба да одговараат министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, директорите на локалните центри за јавно здравје и сите надлежни кои, како што тврди партијата, знаеле за состојбата, а не презеле соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Најчитано