Опозициската СДСМ оценува дека најавената реконструкција на Владата претставува „нова козметичка операција“ на владејачката коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, наместо вистински реформи и преземање одговорност за состојбите во државата.
Во партиското соопштение се наведува дека претстојната средба меѓу коалициските партнери за реконструкција на Владата е обид за „шминкање на Владата и мачкање очи на јавноста“, додека, според СДСМ, Македонија веќе две години се соочува со економски и политички проблеми.
Од СДСМ упатуваат критики и кон ЗНАМ, оценувајќи дека партијата е во процес на распаѓање и дека изгубила дел од своите избрани претставници. Оттаму го поставуваат прашањето како партијата може да биде задоволна од работата на своите функционери.
„Единственото нешто што ЗНАМ и нивните кадри одлично го работат во изминативе две години се тендерите и парцелите“, се наведува во соопштението, во кое власта се обвинува за доделување тендери на блиски лица и за недостиг на контрола и одговорност.
Според СДСМ, наместо реконструкција што ќе донесе суштински промени, јавноста добива „театарска претстава“ чија цел е продолжување на досегашните политики.
Од партијата порачуваат дека на граѓаните не им е потребна нова шминка на Владата, туку вистинска одговорност и конкретни резултати.
