Последната реконструкција на Владата не донесе само нов распоред на ресорите, туку откри и слика за внатрешните односи во коалицијата ВЛЕН. Иако лидерите на коалицијата инсистираат дека станува збор за редовно политичко усогласување, кадровските промени оставаат впечаток дека во блокот е во тек прераспределба на влијанието.
Аналитичарот Џелал Незири оценува дека последните потези покажуваат јасна концентрација на политичката моќ кај двајца лидери – Изет Меџити и Биљал Касами.
„Факт е дека со последната реконструкција се покажа дека моќта се концентрира кај Меџити и Касами и двајцата се координирани во стратегијата и сакаат да воспостават контрола“, оценува Незири за ТВ Телма .
Според него, оставката на Арбен Фетаи од функцијата вицепремиер за добро владеење не може да се гледа изолирано, туку како дел од внатрешните односи во ВЛЕН. Незири смета дека Фетаи е политички маргинализиран, додека како необичен го оценува и потегот коалицијата да се откаже од Министерството за здравство и да преземе друг ресор, што, според него, било насочено кон отстранување на Азир Алиу од досегашната позиција.
Ваквите оценки се надоврзуваат и на медиумските информации што кружеа уште пред реконструкцијата, според кои токму прераспределбата на ресорите била поврзана со ново позиционирање на Арбен Фетаи и Азир Алиу во рамките на владината коалиција.
Политички гледано, најголемиот добитник од реконструкцијата изгледа е крилото предводено од Меџити и Касами, кои практично го преземаат водството во носењето на клучните одлуки во ВЛЕН. Од друга страна, функционерите што доаѓаат од другите компоненти на коалицијата остануваат со поскромно политичко влијание.
Ова може да има последици и врз иднината на ВЛЕН. Коалицијата беше создадена како сојуз на повеќе партии со приближно рамноправни позиции, но реконструкцијата на Владата покажува дека тежиштето постепено се префрла кон двајцата највлијателни лидери. Прашањето е дали останатите партнери ќе го прифатат таквиот распоред на моќ или тоа ќе отвори нови тензии.
Дополнителна неизвесност создава и фактот што ВЛЕН се подготвува за локалните избори. Во вакви околности, контролата врз кадровските решенија, министерствата и локалните партиски структури станува уште поважна, бидејќи директно влијае врз изборното позиционирање.
Засега нема јавни индиции дека несогласувањата ќе доведат до формален раскол во ВЛЕН. Но реконструкцијата покажа дека борбата за влијание не е завршена. Напротив, таа само влезе во нова фаза во која распределбата на функциите станува и распределба на политичката моќ.
