Се проширува обвинителскиот тим за несреќата во Кочани

Обвинителскиот тим кој работи на истрагата за несреќата во дискотеката во Кочани каде во пожар 59 лица го загубија животот, а околу 200 луѓе се здобија со тешки телесни повреди се проширува. Вкупно 11 јавни обвинители работат на обемни активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, но и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области.

Државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски, вчера одржал координативен состанок со тимот јавни обвинители кои постапуваат во овој предмет согласно усвоениот план на активности и динамика.

-Првичните планови на истрагата упатуваат на обемни активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, но и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области. Јавниот обвинител Коцевски побара од назначените обвинители ефикасна и темелна истрага која во детали ќе го испита секој аспект и правец на одговорност за трагедијата во Кочани, стои во соопштението од Јавното обвинителство на РСМ.

Ова е трето проширување на обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани. Првично, на 16 март, веднаш по несреќата во Кочани, јавниот обвинител формираше обвинителски тим во кој беа вклучени петмина обвинители од Кочани, Штип и Скопје. Потоа обвинителскиот тим, еден ден подоцна, беше проширен на девет обвинители и го сочинуваа двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.

Во меѓувреме продолжуваат контроли во јавни објекти низ државата, за проверка на документацијата, исполнувањето на обврските од лиценците и дозволите, на техничките услови за работа и безбедносните стандарди.

Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали во државава се безбедни,  информираше претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски по извршените вонредни инспекциски контроли во кои учествуваа и инспектори од централната власт.

Зачлени се на нашиот е-билтен