СДСМ: Реконструкцијата на Владата е театар за лична власт

СДСМ

Реконструкцијата на Владата што треба да се гласа на 13 јули не е вистинска реформа, туку, според Фронтот за вистина и правда, обид за дополнителна централизација на моќта во рацете на премиерот Христијан Мицкоски. Она што власта го претставува како „освежување“ на владиниот состав, од оваа политичка структура го оценуваат како чист политички театар во кој се менуваат министри, но не и политиките.

Од Фронтот за вистина и правда велат дека со реконструкцијата се менуваат лица, но неуспесите продолжуваат. Според нив, ова не е реформа, туку консолидација на лична власт, затоа што Мицкоски веќе ја има целосната контрола врз својата партија, а сега се обидува да ја прошири и врз целата држава.

Во соопштението се наведува дека сите важни одлуки се носат во кабинетот на премиерот, додека коалиционите партнери се сведени на статистичка декорација, а институциите сè повеќе се претвораат во сервис на премиерот. Според оваа оценка, наместо колективна одговорност, државата добива лична власт, а наместо институции, еден човек.

Фронтот за вистина и правда го споредува овој модел со авторитарниот начин на владеење на Александар Вучиќ, во кој силен политички лидер ја слабее владата, ја контролира партијата и постепено ја става државата под лична команда. Тие оценуваат дека Македонија не смее да влезе во модел во кој премиерот сака да биде влада сам за себе.

Во соопштението се порачува дека граѓаните не треба да се лажат дека оваа реконструкција ќе донесе подобар живот. Според Фронтот, таа нема да ги намали цените, нема да ги зголеми платите и нема да ја забрза европската интеграција, туку ќе донесе уште поголема концентрација на моќ во рацете на еден човек.

Од таму нагласуваат дека на Македонија не ѝ треба лидер кој ќе ја замени државата, туку систем што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите. Според нив, токму европската интеграција е патот преку кој може повторно да се воспостави функционална, одговорна и институционална власт.

Фронтот за вистина и правда порачува дека на земјата ѝ е потребна влада која работи за граѓаните, а не за сопствената власт, и најавува дека ќе продолжи да се залага за враќање на власта во рацете на народот.

Најчитано