Шест месеци бесплатно чистела кај лекарка за да ѝ го оперира детето: Отворена дебата за корупцијата во здравството

Корупцијата во здравството не започнува и не завршува со пликот со пари. Таа може да се појави како подарок, барање услуга, користење лични познанства или упатување пациенти кон скапи прегледи во приватни здравствени установи, беше истакнато на јавната трибина што денеска се одржа во Прилеп.

Особено вознемирувачко било сведоштвото на жена од ранлива категорија која шест месеци бесплатно го чистела домот на лекарка специјалист, надевајќи се дека за возврат ќе биде извршена операција на нејзиното дете.

Примерот го сподели Весна Шапкоски од „Станица П.Е.Т.“ на трибината „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“.

„Ова е силен пример за различните форми што може да ги има корупцијата. Не биле дадени пари, но постоела размена на вредност“, посочи Шапкоски, нагласувајќи дека проблемот не смее да се сведува само на директен поткуп.

Истражувањето спроведено во рамките на проектот опфатило 1.040 испитаници, а биле организирани и фокус-групи со околу 100 жени во шест градови низ земјава. Резултатите покажале дека голем дел од граѓаните не ги препознаваат „врските“, подароците и неформалните плаќања како корупција, туку ги сметаат за вообичаен начин да се дојде до здравствена услуга.

Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ соопшти дека кај испитаниците што имале директно искуство со корупција, во 62,7 отсто од случаите станувало збор за поткуп со пари. Најмногу вакви искуства биле поврзани со специјалистички прегледи, операции и болничко лекување.

Матичната лекарка Наташа Илијоска нагласи дека најголемиот дел од лекарите работат професионално и совесно, но дека постапките на поединци создаваат недоверба кон целата здравствена професија.

Според неа, здравствените работници мора активно да се вклучат во борбата против корупцијата, затоа што непосредно ги гледаат слабостите на системот.

„Цената на молкот е нарушен квалитет на здравствената грижа, недоверба кај граѓаните и деградирани здравствени работници“, истакна Илијоска.

Учесниците на трибината оценија дека борбата против корупцијата бара целосна дигитализација на здравствените процеси, едукација на пациентите за нивните права и воспоставување сигурни механизми за пријавување.

„Мора да има каде да се пријави, да има кој да постапи и да постои заштита за човекот што пријавил“, порача Шапкоски.

Трибината во Прилеп е дел од карванот на отворени настани што го организира ЕСЕ во рамките на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“. Следната јавна дискусија ќе се одржи наредната сабота во Свети Николе.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?