Шеста жртва од западнонилска треска, почина 72-годишен пациент

Шести смртен случај од западнонилска треска е регистриран во Македонија. На Клиниката за инфективни болести починал 72-годишен пациент кој 15 дена бил хоспитализиран со тешка клиничка слика.

Директорот на Клиниката Фадил Цана изјави дека пациентот бил примен во изразито тешка општа состојба и бил лекуван на одделот за интензивна нега.

„И покрај сите преземени интензивни мерки во одделот за интензивно лекување, во вчерашните попладневни часови настапи летален исход“, рече Цана.

Само еден ден претходно, министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека од почетокот на актуелната епидемија биле евидентирани пет смртни случаи. Со последниот починат, бројката се зголемува на шест.

Според денешните информации од Инфективната клиника, досега таму биле или сè уште се хоспитализирани 57 пациенти. Од нив 27 се излекувани, додека во моментов се лекуваат 18 пациенти. Кај 15 од хоспитализираните лабораториски е потврден вирусот, а сите потврдени случаи се со невроинвазивна форма на болеста.

Вчера Министерството за здравство соопшти дека биле евидентирани 53 пациенти кои ја прележале, ја имаат или се сомнителни за западнонилска треска, од кои 50 биле потврдени случаи. Тогаш шест пациенти биле на интензивно лекување.

Епидемијата годинава е значително поизразена од претходните сезони. Според податоците на Институтот за јавно здравје, од 2011 до крајот на 2025 година во Македонија биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни случаи поврзани со западнонилска треска.

Тоа значи дека само во текот на актуелната сезона бројот на починати веќе го надмина вкупниот број смртни случаи регистрирани во претходните 14 години.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?