Крушево станува пример за успешен развој на одржлив туризам преку соработката меѓу локалната самоуправа, туристичкиот сектор и програмите поддржани од Швајцарија, соопшти Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.
Според објавата, малите бизниси се во срцето на туристичкиот сектор, а преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME) и Програмата за промоција на увозот на Швајцарија (SIPPO), се работи на јакнење на одржливоста на туристичките услуги во согласност со барањата на меѓународниот пазар.
Како резултат на оваа соработка, 11 туристички бизниси во Крушево го добиле сертификатот „Good Travel Seal“ (Печат за добро патување), кој се доделува за исполнување стандарди за одржлив туризам.
Дополнително, Крушево е препознаено како една од „100-те најдобри зелени туристички дестинации за 2025 година“, што претставува меѓународно признание за напорите на градот во развојот на одговорен и одржлив туризам.
Од Амбасадата на Швајцарија посочуваат дека токму партнерството меѓу туристичките бизниси, локалната самоуправа и туристичките институции придонесува за создавање поотпорна и поконкурентна туристичка дестинација.
„Ова искуство покажува дека кога институциите, општините и бизнисите работат заедно, одржливоста станува конкурентска предност што им користи на локалните заедници, го штити природното и културното наследство и отвора нови пазарни можности“, се наведува во објавата на Амбасадата.
Швајцарската поддршка за развојот на туризмот во Крушево се издвојува како пример за добри практики во локалниот економски развој, при што заедничките активности на меѓународните партнери, општината и приватниот сектор придонесуваат за поголема препознатливост на Македонија како одржлива туристичка дестинација.
