Скопската вода е исправна, покажаа анализите на 42 примероци

Водата од скопскиот водоснабдителен систем е безбедна за пиење, покажале последните анализи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. На 11 август биле земени вкупно 42 примероци од различни точки во градската мрежа, а сите ги исполниле пропишаните стандарди за квалитет и безбедност.

Од вкупниот број примероци, четири биле земени од бунарскиот потег Нерези – Лепенец. Испитувањата опфаќале физичко-хемиска и микробиолошка анализа во акредитираните лаборатории на претпријатието.

Мониторингот се спроведува согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, а примероците се земаат според утврдени стандарди за контрола на водата во дистрибутивните системи.

„Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење“, соопштија од „Водовод и канализација“.

И претходните редовни контроли во август покажувале исправност на водата. На 6 август биле анализирани 42 примероци, а на 7 август 45, при што сите ги задоволиле пропишаните критериуми.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?