„Толку ли брзо не заборавивте?“ – Герила порака од Кочани пред институциите во Скопје

Во срцето на Скопје, на плоштадот „Македонија“, симболичен и потресен протест го привлече вниманието на минувачите и институциите. Еден млад човек од Кочани, Мартин, беше врзан за бандера – гест што требаше да ја изрази болката и револтот на еден заборавен град.

Акцијата, организирана од иницијативата „Support Kocani“, имаше за цел да потсети дека зад статистиките и тишината стојат вистински животи – животи кои се менуваат засекогаш.

„Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи за да сфатите дека Кочани постои? Толку ли брзо не заборавивте? Пред некој ден си дојдоа деца без прсти. Тие деца ќе живеат без раце цел живот. Ако не за друго, за нив направете нешто“, рече Мартин, стоејќи сам во центарот на главниот град, симболично „врзан“ – како што рече, онака како што е врзан духовно.

Мартин сведочи и за лична загуба: пет негови другари загинале во пожарот во дискотеката „Пулс“.

„Ако ништо не се преземе, ќе биде само полошо. Ме прашуваа дали ме е срам што ќе бидам врзан. Јас сум и онака врзан – со срцето и со судбината за тој град. Немам каде да одам. Морам да живеам во Кочани, морам нешто да направам за тој град“, додаде тој.

Апелот на Мартин не беше само личен – беше крик за правда, за внимание, за достоинство. Кочани, велат тие што го чувствуваат секојдневно, предолго е маргинализиран. Овој чин е обид да се разбуди општеството.

Зачлени се на нашиот е-билтен