СДСМ објави делови од документ што, според партијата, го добиле од Платформата „ЗНАМ 2.0“, оценувајќи дека станува збор за иницијатива чија цел е смена на актуелното раководство на партијата.
Од СДСМ наведуваат дека документот бил означен како доверлив, но дека неговата содржина била објавена во медиуми уште пред партијата целосно да го разгледа.
„Нема потреба да биде доверливо. За разлика од нив, кај нас сè е транспарентно. Нека читаат граѓаните“, соопшти СДСМ.
Партијата ја критикува содржината на документот, тврдејќи дека во него нема конкретни предлози за антикорупциски политики, европската интеграција или други програмски прашања, туку дека фокусот е ставен на оставка на претседателот Венко Филипче, конгрес и промена на партискиот идентитет.
Од СДСМ тврдат дека платформата ја поддржуваат 17 лица, додека Филипче бил избран со повеќе од 18.000 гласови од партиското членство.
Во реакцијата се упатени и повеќе политички обвинувања кон дел од иницијаторите на платформата, како и кон ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица. СДСМ ги поврзува нивните активности со обид за поделба на опозициското гласачко тело и за слабеење на партијата.
„Партијата не е на продажба. СДСМ не се предава на аванс“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ порачуваат дека ќе продолжат со сегашниот курс и дека остануваат на позициите за европска интеграција, слобода на говор, слобода на медиумите и демократски стандарди.

