Првиот сведок на Обвинителството во судскиот процес „Државна лотарија“ денеска даде исказ кој, според обвинителите, се разликува од она што го кажал во истрагата. Поради тоа, Обвинителството побара Владо Петковски, актуелен раководител во „Државна лотарија“, да биде третиран како „непријателски сведок“ и да биде дозволено вкрстено испрашување.
Петковски во истрагата бил испрашуван како осомничен, но подоцна не бил опфатен со обвинението и во судската постапка се појавува како сведок на Обвинителството. Токму разликите меѓу неговиот тогашен и денешниот исказ предизвикаа реакција од обвинителите. Тие пред судот наведоа дека несогласувања има во неговите искази за смената на поранешната директорка, начинот на работење на директорите, односите и средбите меѓу Перпарим Бајрами и Артан Груби, како и во делот за спроведувањето на постапките во „Државна лотарија“.
Во денешното сведочење Петковски позитивно го оцени периодот кога со „Државна лотарија“ раководел Бајрами. Според него, по неговото доаѓање биле иницирани повеќе проекти чија цел била зголемување на профитот, меѓу кои „Ново ВЛТ“, платформата „Мегавин.мк“, самостојното приредување електронски игри на среќа и формирањето три интернет-друштва со приватни партнери.
Особено внимание на рочиштето доби набавката на ВЛТ-терминалите во 2023 година. Петковски кажа дека лично учествувал во подготовката и реализацијата на јавната набавка и дека идејата била „Државна лотарија“ самостојно да приредува електронски игри, за целиот профит да останува во државната компанија наместо да се дели со приватни партнери. Тој тврдеше дека пред набавката биле обезбедени стручни мислења, физибилити-студии, истражување на пазарот и мислења од институции, но проектот подоцна бил блокиран по автентичното толкување на Законот за игри на среќа.
За односот меѓу Бајрами и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, Петковски рече дека нема непосредни сознанија врз основа на кои би можел да тврди дека двајцата биле пријатели. На прашањето дали Бајрами го споменувал Груби, одговорил дека можеби го споменал, но не во контекст на работењето на „Државна лотарија“.
Токму по ваквите одговори обвинителите побараа поинаков начин на испрашување на сопствениот сведок. Судот побара тие конкретно да наведат во кои делови Петковски отстапува од претходниот исказ. Обвинителот посочил повеќе прашања, меѓу кои односите меѓу Груби и Бајрами, нивните средби, работењето на директорите и начинот на кој биле спроведувани постапките, за кои Обвинителството смета дека денешното сведочење не соодветствува ниту со претходниот исказ ниту со материјалните докази.
Случајот „Државна лотарија“ претходно влезе во фазата на сведоци откако Обвинителството презентираше 231 материјален доказ. Обвинети се Груби, Бајрами и уште шест лица, а обвинението се однесува на дејства во 2023 и 2024 година со кои, според Обвинителството, на „Државна лотарија“ ѝ била предизвикана штета од околу 9,7 милиони евра. Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а вината треба да се утврди во судската постапка.

